Основното јавно обвинителство попладнево соопшти дека е донесена наредба за спроведување на истражна постапка против 40-годишникот во чиј дом беа пронајдени четирите малолетници во бесознание.
Тој се сомничи за тешки дела против здравјето на луѓето и за излагање на опасност на деца.
Надлежниот јавен обвинител, како што информираат од ОЈО, доставил предлог за определување мерка притвор.
На 11 јули во вечерните часови во неговиот дом престојувале четирите деца на возраст од 15 до 17 години, а тој ставил во промет лекови што се штетни за здравјето.
Заедно со децата почнал да конзумира алкохол и во текот на вечерта извадил лекови „тергатол 200 мг”, „запира 10 мг” и „дијазепам 5 мг” кои ги користел за одвикнување од зависност од алкохол и кои им ги понудил на малолетниците да ги испијат за подобро расположение.
– Им дал да испијат поголемо количество од лековите во комбинација со алкохолот, иако бил свесен за штетната последица што може да настапи и со тоа тешко им го нарушил здравјето, се наведува во соопштението од ОЈО Скопје.
Осомничениот станал и во дневната соба ги затекнал децата како лежат во сериозно влошена здравствена состојба која претходно ја предизвикал, но и покрај тоа ги оставил без помош.
Следниот ден попладнето полициски службеници ги пронашле децата во неговиот дом во бессознание и со сериозно влошена здравствена состојба.
Со возило на Итната медицинска помош децата се префрлени на Клиниката за токсикологија, каде е констатирано високо присуство на бензодијазепини во крвта.
Директорот на Клиниката за токсикологија Андон Чибишев денеска изјави дека четирите малолетници се свесни и во подобра здравствена состојба.
– Сите четворица пациенти се свесни, во подобрена здравствена состојба, со стабилни витални параметри. Немаат посериозни повреди. Продолжува интензивното лечење и надзор на Универзитетската клиника за токсикологија, изјави Чибишев за МИА