Новиот ирански претседател, умерениот политичар Масуд Пезешкијан, ги подигна надежите на милиони Иранци кои сакаат повеќе социјални слободи и попрагматична надворешна политика, откако вчера, во вториот круг од претседателските избори, го победи тврдокорниот Саед Џалили.
Неговиот триумф најверојатно ќе биде поздравен од светските сили кои се надеваат на помирен пристап кон меѓународната заедница со која Иран е во расправија околу неговата нуклеарна програма и поддршката за паравоените организации во регионот.
Пезешкијан успеа да победи на бранот на поддршката од средната класа и младите, кои се погодени од долгогодишната репресија од страна на исламистичкиот режим.
Овој 69-годишен кардиолог вети дека ќе води попрагматична надворешна политика, ќе ги намали тензиите во преговорите за нуклеарната програма и ќе донесе социјална либерализација во општеството, како и политички плурализам.
Според иранскиот двоен систем на свештеничка и републиканска влада, претседателот не може сам да донесе големи промени бидејќи врховниот лидер, ајатолахот Али Хамнеи, сè уште го држи клучот. Но, претседателот може да влијае на тонот на иранската политика и ќе биде важен фактор во изборот на наследник на 85-годишниот Хамнеи.
Пезешкијан е лојален на иранската теократска влада и нема намера да им се спротивставува на моќниците на безбедносниот апарат и свештенството. Во телевизиските дебати и интервјуа, тој вети дека нема да ја оспорува политиката на Хамнеи.
-Доколку се обидам, а не успеам да ги исполнам предизборните ветувања, ќе се збогувам со политиката и нема да продолжам. Нема смисла да си ги трошиме животите и да не му служиме на нашиот драг народ, им порача Пезешкијан на гласачите.
Враќајќи се во јавноста по долгогодишната политичка изолација, реформистичкиот табор предводен од поранешниот претседател Мохамад Хатами го поддржа Пезешкијан на изборите распишани по смртта на тврдокорниот претседател Ебрахим Раиси, кој загина во хеликоптерска несреќа во мај.
Ставовите на Пезешкијан често пати беа спротивни од оние на Раиси. Поранешниот ученик на Хамнеи го зајакна надзорот врз жените кои не ги следат правилата за облекување и зазеде поостра линија во преговорите со светските сили. Пезешкијан, исто така, вети дека ќе ја оживее пропаднатата економија, уништена од лошото управување, корупцијата и американските санкции.
Пратеник од 2008 година, Пезешкијан е син на Азер и Курдка и ги поддржува правата на сите малцинства во Иран. Тој често го критикуваше задушувањето на политичкиот и општествениот отпор во земјата. Но, некои Иранци веруваат дека тој нема да може да донесе многу промени поради силата на Хамнеи и неговите сојузници.
Во 2022 година, новиот претседател побара објаснување од властите во врска со смртта на Махса Амини, која почина во затвор откако наводно го прекршила кодексот на облекување, што предизвика протести низ целата земја.