Продолжува растот на бројот на работни места и извозот во Технолошко-индустриските развојни зони – ТИРЗ, покажува редовната месечна анализа на Дирекцијата на ТИРЗ. Заклучно со јули бројот на работни места е зголемен за 14 отсто во однос на истиот период лани и достигна над 17.150. Тоа, како што покажува анализата, е за 20 отсто повеќе од јули 2021 година односно за 30 отсто повеќе споредено јули 2020 година. Само од почетокот на годинава во компаниите во ТИРЗ се вработени речиси 900 нови работници.
-Продолжува и растот на извозот кој заклучно со јули ја надмина границата од две милијарди евра. Само во јули извозот е 336 милиони евра што е за 20 отсто повисок од јули минатата година, односно за 50 и 58 отсто повисок споредено со јули 2021, односно јули 2020 година. Споредено со почетокот од годинава извозот во зоните е зголемен за 22 отсто, информираат од ТИРЗ.
Увозот во првите седум месеци од годинава, додаваат, достигна над 1,8 милијарди евра.
-Само во јули годинава компаниите во ТИРЗ оствариле увоз од 261 милион евра што е за 13 отсто повисоко споредено со јули 2022 и 2021 година, а 39 отсто повеќе споредено со јули 2020 година. Споредено, пак, со почетокот од годинава увозот во зоните е зголемен за 15 отсто, прецизираат од ТИРЗ.
Поради ваквите економски движења, како што велат, продолжува и позитивниот тренд на раст кај нето извозот кој заклучно со јули е 25 отсто.
-Се очекува трендот на раст да продолжи со оглед на тоа што во ТИРЗ од почетокот на годинава се постигнати договори од над 280 милиони евра кои во следните десет години треба да донесат над 4.600 работни места. Исто така, во завршна фаза на преговори се четири нови инвестиции со обем од над 150 милиони евра, нагласуваат од ТИРЗ.