Темата за криминалот и корупцијата како никогаш претходно е тема број еден во Македонија. СДСМ и ДУИ влегоа во седма година заедничка власт, која од првиот ден е карактеризирана со големи корупциски скандали и целосно уривање на правната држава, како и одбивањето да се воведе функционален систем на владеење на правото и да се удри по криминалот и корупцијата, обвинува Александар Николоски, потпретседател на ВМРО-ДПМНЕ.

Тој изјави:

Ако изминативе години тоа и се затскриваше од јавноста веќе оваа година скандалите еруптираат и никој не може да ги скрие. Во такви услови, високото ниво на криминал и корупција ја загрозува иднината на Македонија. Луѓето масовно се иселуваат, економијата тоне. Тоа е познато.

Но, она на што сакам да обрнам внимание е самобитноста на македонскиот народ и самостојноста на македонската држава, кои исто така се загрозени поради криминалот и корупцијата.

„РЕКЕТ“ НАМЕСТО РЕФОРМИ

Колку и на прво читање ова да не изгледа верно, суштината е дека држава ослабена од криминал и корупција е лесна мета за агресивните соседи, во случајов Бугарија, од една страна.

А од друга страна, поради криминал и корупција во нашата држава, Европската Унија не врши притисок врз Бугарија да ги напушти своите негаторски политики кон Македонија како услов за почеток на преговори за членство.

Ова се покажа како вистинито и во изминативе години. Во 2018 година постоеше една еуфорија околу Заев. Пролетта таа година се зборуваше за решение за името и оти Македонија бргу ќе почне преговори за ЕУ.

Јас тогаш реков дека дури и Заев да го реши спорот со Грција нема да почнеме преговори за членство сѐ додека оваа корумпирана влада е на власт. Ниту еден европски политичар не сака да седне на маса со друг политичар што е корумпиран.

Тогаш бев напаѓан дека тоа е научна фантастика, дека го зборувам само затоа што сме од различни политички опции. За жал, по неколку месеци тоа се оствари. Само 12 дена по срамниот договор од Преспа, ЕУ не додели датум за почеток на преговорите.

Власта на СДСМ и ДУИ заборави што побара тогаш ЕУ од Македонија. Побара реформа на јавната администрација, а таа од година во година е полоша.

Побараа и реформа во безбедносните служби, кои се случија на хартија, но во пракса не се спроведуваат и продолжува праксата на злоупотреба на тајните служби. Претседателот Мицкоски и јас сме постојано следени од страна на тајните служби.

Третата работа што ја побара ЕУ беше борба со организираниот криминал и корупција на високо ниво. Се даде една година ова да го заврши.

По една година, не само што не ги завршија овие работи, туку се случи аферата „Рекет“, каде што таа што требаше да ја гони корупцијата беше фатена со „луј витон“ чанта со милион евра внатре.

До денес овие прашања не се решени и затоа неколку големи земји-членки на ЕУ, а тука не мислам на Германија, сметаат дека Македонија не заслужува почеток на преговорите и не прават никаков притисок врз Бугарија. Бугарија им е добар изговор да не треба тие да ставаат вето.

СЀ ПОЧНУВА ОД ВРВОТ

Бугарија е најслабата земја-членка на ЕУ. Ние немаме проблем со најсилната членка на ЕУ, туку со најслабата и многу повеќе Европската Унија ѝ треба на Бугарија отколку што Бугарија ѝ треба на ЕУ. Никој не може да ме убеди дека најголемите главни градови на ЕУ не можат да направат притисок врз Бугарија.

Доколку сметаа дека Македонија заслужува почеток на преговори, ќе ја решат работата за едно попладне. Ќе пратат еден дипломатски тешкаш, ќе се сретне во Софија со кого треба да се сретне, нема потреба ни на преспивање да останува и работата ќе биде завршена.

Но, бидејќи Македонија тоне во криминал и корупција, во врвот на СДСМ и ДУИ тоа не се случува. Со влада на ВМРО-ДПМНЕ, државата може да се среди за шест до девет месеци со силна битка против организираниот криминал и корупцијата и имиџот на Македонија кај ЕУ ќе се смени на позитивно.

Најголем доказ за ова се изјавите на амбасадорите на неколку земји на ЕУ кои веќе не се ни кријат зад убави флоскули. Еден од нив рече дека промената на Уставот нема врска со преговорите со ЕУ, бидејќи Македонија имала 15 години да направи реформи.

Сѐ почнува од врвот, сега имаме корупција од најниско до највисоко ниво затоа што кога кој било службеник што работи на шалтер гледа дека премиерот е корумпиран, коалицискиот партнер е корумпиран си вели – кога овие можат милиони, ја можам да земам 1.000 денари за полесно да го протуркам месецот.

На тој начин се создава корупцијата од најниско до највисоко ниво, но ударот се прави на највисокото. На пример, како што има кокаин на улиците, немало никогаш, но не е клуч на проблемот дилерот што го продава на улица, туку тој што дозволил кокаинот да влезе на граница. Така што ако удрите на врвот, тој долу ќе нема што да се продава.

Сметам дека Македонија има и добри закони и добро поставени институции. Не треба да трошиме време ниту на менување закони, ниту на формирање институции, туку само тие да се стават во погон и да им се даде слобода да работат, да немаат политички притисок и верувајте за шест до девет месеци ќе се испорачаат резултати и Македонија ќе почне да се средува.