Во тек се анкетите за потенцијални кандидати за градоначалници од редовите на ВМРО-ДПМНЕ. Претседателот на Владата и лидер на партијата, Христијан Мицкоски, денеска во Свети Николе потврди дека започнале внатрепартиските процедури за избор на кандидати за градоначалници на локалните избори. Мицкоски истакна дека вчера го гледал интервјуто на претседателот на СДСМ, Венко Филипче, во кое се изнесени прогнозите за изборните резултати.

„Ако навистина веруваат дека разликата ќе биде два и пол спрема еден, ќе бидат непријатно изненадени за шест месеци. Во некои општини разликата ќе биде многу поголема, можеби четири спрема еден, а една од тие општини е и Свети Николе. Така што, мислам дека оние кои му ги даваат тие анкети на Филипче, не му мислат добро“, изјави Мицкоски.

Советот на Мицкоски до лидерот на СДСМ, Венко Филипче, е да ја погледне реалноста и да се сврти кон вистинските потреби на граѓаните, а не кон фабрикување измислици.

„Прво што треба да направи е да излезе лично и да им се извини на граѓаните во името на СДСМ, за сето она што оваа партија го направи изминатите години: распродавајќи го идентитетот, крадејќи од граѓаните и понижувајќи ја Македонија. Особено, треба да се извини на македонскиот народ за сето она што му го направи изминатите седум години, за да се приближи до пропорцијата два и пол спрема еден“, рече Мицкоски.