Ќе видиме што ќе одлучи министерот, изјави државниот советник во Министерството за образование и наука Сафет Незири прашан дали МОН ќе одговори позитивно на иницијативата на родителите кои поради топлото време бараат учебната година за основците да заврши порано од 17 јуни или децата да имаат скратени часови во наредните неколку дена.
На новинарско прашање дали Министерството треба да прифати ваква иницијатива, првиот човек на Детската амбасада „Меѓаши“ Драги Змијанац одговори доколку нема согласност од МОН, а родителите инсистираат, тогаш треба компромисно решение во кое приоритет ќе биде најдобриот интерес на децата – тие да не губат часови, но и да го совладаат материјалот.
Според Змијанац, одлуката е, главно, кај менаџментот на училиштата кој, како што рече, треба да изнајде креативни решенија за одвивање на наставата и дека таа може да се одвива и на отворено.
-Има креативни начини како тоа да се направи, може на отворено. И за време на пандемијата предлагавме да не се затвораат училиштата, да бидат отворени училишните дворови, кои се големи, со тенди итн. и може многу поедноставно да се изучува материјалот, рече Змијанац по промоцијата на публикацијата „Модули за мировно образование во средното образование“.