ЏАБИР ДЕРАЛА

Антиевропските инсталации, лажните неутралци и квази интелектуалци, рашистите, груевистите, радикалите, прикриените и отворените националисти, доминираат во ТВ програмите и во голем дел од интернет и печатените медиуми во земјата. Огромен дел од медиумите се како огласни табли за националистичката опозиција на која ѝ се придружија некои академици и НВО фолиранти.

Информативните програми веќе предолго време почнуваат и завршуваат со сѐ поотворена антивладина пропаганда, и не толку (или, не секогаш толку) отворена антизападна пропаганда и/или националистички наративи прикриени зад „борбата против корупцијата“. Во интернет медиумите, пак, националшовинизмот, дезинформациите и омразата се шират, практично, без задршка. И сето тоа, во служба на заштита на народот, идентитетот, гордоста… Патриотски, со еден збор.

И, наспроти неприкосновената доминација во медиумите, „чуварите“ на националната чест, уредниците и новинарите, и сите што на било кој начин имаат влијание врз политиката и го креираат јавното мислење набројаните не можат да замислат дека постојат авторки и автори, медиуми и организации кои имаат сосема поинакво мислење. Тоа се прогресивни, проевропски и продемократски интелектуалци, медиуми и организации кои недвосмислено и јасно ја декларираат својата прогресивна ориентација.

Без оглед на тоа што се работи за релативно мал број креатори на јавното мислење, и уште помал број медиуми и организации, чии буџети се често и помалку од скромни, тие се под силен пропаганден оган. Тие систематски се блокираат и се истиснуваат од јавната комуникација и од медиумскиот простор.

Истовремено, во медиумите и на социјалните мрежи против нив се води валкана хајка за нивна дискредитација, омаловажување и заплашување. Освен што е загрозен нивниот углед и нивната работа и социјална сигурност, тие секој ден се и под закана за физичката безбедност. Покрај сето тоа, прогресивците се и мета на тужби и се влечкаат по судови, каде што губат спорови од партиски лидери, со апсурдни пресуди од судии кои им се наклонети. Слично како и во филмот „Хитлеровата битка против печатот“ (Hitler’s Battle Against The Press, 2018).

Саморегулаторните тела и медиумски организации, како и организациите, своевремено формирани како ограноци на големи меѓународни организации за човекови права, со звучни имиња – молчат.

Зошто медиумската „елита“ не сака да го слушне гласот на прогресивните и проевропските интелектуалци и организации? Зошто голем број уредници имаат свои „тефтерчиња“ во кои се ставени имиња чиј глас никако не смее да се слушне. Само еден од бројните примери е случајот со потписникот на овие редови чие име не смее да се спомне во Македонското радио, на пример. Дури ни на темата контрола на оружјето и борба против култот кон оруженото насилство (во деновите по масовното пукање и масакрите во Србија).

Навистина, дали некој се прашал – кому му одговара тие целосно да се истиснат од јавниот дискурс? Не да бидат на маргините, туку да ги нема!

Причини има повеќе, но доволно е да се знае дека прогресивните авторки и автори, медиуми и организации, колку и да не доминираат на јавната сцена, сепак, претставуваат секојдневен, многу непријатен потсетник за неславното дејствување на оние што посветено (и послушно) работат на антидемократските, националистичките и антизападните агенди.

За жал, овој текст може да се прогласи за евергрин, затоа што можеше да биде напишан и минатата година, а веројатно и уште порано, на пример, од 2018 година па наваму.

Превземено од Цивил Медиа