Градоначалникот на Кочани, Венко Крстевски, поднесе кривична пријава против угостители за узурпација и бесправна градба.

Toj рече дека три месеци по трагедијата во дискотеката „Пулс“ сѐ уште има угостителски објекти кои работат надвор од законските прописи и стандарди.

„Не смееме да замижиме по несреќата во „Пулс“. Ова е најтешкиот период за Кочани и јас нема да дозволам да ни се случи „Пулс 2“, изјави Крстевски.

Градоначалникот јавно го праша Државниот пазарен инспекторат (ДПИ), како е возможно да се толерира работа во дивоградби, дали има контроли и што тие значат. До Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) упати прашање како е возможно да се добие ХАСАП дозвола за угостителски објект кој служи храна, ако кујната е дивоградба или постојат броила во непосредна близина на фритезата, на што од АХВ реагираа дека тие се надлежен орган за контрола на безбедноста на храната и здравствената заштита и благосостојбата на животните. По однос на прашања кои се однесуваат на заштита и здравје при работа, АХВ нема надлежност за постапување, како што нема надлежност ниту во делот на издавање елаборати за ХАСАП ниту е надлежна за приклучување на електричната мрежа.