Најмалку 34 лица, вклучувајќи 19 жени и деца, загинаа за време на ноќните и утринските израелски воздушни напади во Појасот Газа, кои погодиле училиште, управувано од Агенцијата на ООН за помош на палестинските бегалци (УНРВА), каде што биле засолнети раселени палестински семејства, како и две куќи.
Најсмртоносниот напад се случил попладнето, кога било погодено подготвителното училиште за момчиња на УНРВА „Ал Џауни“ во бегалскиот камп „Нусеират“ во централниот дел на Газа, јавуваат локални медиуми.
Израелската војска тврди дека целта биле борци на Хамас, кои планирале напади од внатрешноста на училиштето.
Во нападот загинале најмалку 14 лица, меѓу кои и две деца и една жена, чии тела биле пренесени во блиските болници „Ал Ауда“ и „Ал Акса“. Според болничките извештаи, најмалку 18 лица се повредени во нападот.
Десетици илјади Палестинци, кои беа принудени да ги напуштат своите домови поради израелските напади, живеат во училиштата во Газа. Училиштето „Ал Џауни“ е едно од многуте кои се под управа на ООН, и често е подложено на напади.