Андреја СТОЈКОВСКИ

Овие колумни излегуваат во сабота. Денес е 17 февруари 2024 година, сабота, а вчерашниот ден, петок, 16 февруари, главна вест во сите светски медиуми беше смртта на Алексеј Навални. За својата борба Алексеј постојано изјавувал дека нема никаков страв „Сфаќам кои се ризиците, но некој мора да го стори тоа. Подготвен сум да жртвувам сè за нашата земја да биде слободна…“.

Има многу малку луѓе кои би можеле да се сеќаваат на поинаков начин на справување со политичките противници во Руската Федерација. Моделот кој се карактеризира со правни предизвици, затворање и, во некои случаи, насилство, има корени кои се протегаат до советската ера.

Само во поновото време на Путиновата Русија можат да се идентификуваат барем уште пет слични. Да се разбереме Путиновата Русија, како за „демократски“ избран лидер не е воопшто краткотрајна. Прв пат за премиер беше избран пред 25 години, во 1999. Потоа беше избран прв пат за Претседател во 2000 и повторно во 2004 година. Во 2008 година повторно беше назначен за премиер, функција на која остана до 2012 година кога беше „избран“ за Претседател. Од тогаш до денес се поминати речиси полни 12 години. Во овој период најпрвин беше случајот на Ана Политковскаја, новинарката позната по нејзиното критичко известување за војната во Чеченија, која беше убиена во 2006 година. Потоа следуваше Сергеј Магнитски, адвокатот кој почина во затвор откако разоткри неколку случаи на корупција. Следен на листата беше Михаил Ходорковски, единствениот на листата кој е се уште жив. Ходорковски беше уапсен и потоа осуден на затвор во 2003 година. Од затвор излезе во 2013, а Русија ја напушти веднаш потоа повикувајќи се на потребата од вистински слободен живот. Четвртиот на листата беше Борис Немцов, опозицискиот лидер кој беше убиен во близината на Кремљ. Последниот од листата е Владимир Кара-Мурза, кој преживеа два обиди за труење. Најмладиот од нив, Магнитски бил убиен на 39 години, а најстариот Немцов на 55. Навални, „почина“ во затвор вчера на 47 години.

Алексеј Навални, беше руски опозициски лидер, адвокат и активист за борба против корупцијата. Одигра значајна улога во организирањето на антивладините демонстрации и застапувањето за реформи против корупцијата во Русија, а ја основаше и Антикорупциската фондација. Во 2020 година Навални беше жртва на обид за убиство со труење со „новичок“. Веднаш по завршувањето на неговото лекување и враќањето во Русија, во јануари 2021 година Навални беше уапсен, осуден на затвор, а неговите организации беа означени како екстремистички. Смртта на Навални означи крај на едно поглавје во руската опозициска политика. Неговиот активизам, истраги и политички кампањи имаа големо влијание врз руското општество и глобалната перцепција за руската политика. Да се надеваме дека неговата смрт ќе биде поттик, или мотив за борба за живот во слобода, онаков како што го опишал големиот Мадиба (Нелсон Мандела) „Да бидеш слободен не значи само да се ослободиш од своите окови, туку и да живееш на начин кој ги почитува и ги зголемува слободите на другите.”

Се пишува дека Алексеј Навални умрел во самица во затворската колонија со посебен режим, зад поларниот круг, во која ја издржувал казната од 19 години затвор. Причината за смртта не е потврдена, но неофицијално се зборува дека починал од тромбоемболија која се јавува како последица на многу причини меѓу кои недостаток на движење, слаба или нискокалорична исхрана, постојан студ, недостаток на воздух.

Тешко е да се повлекуваат паралели помеѓу Русија и Северна Македонија. Има многу причини за тоа, секако, многу аргументи против. Сепак, повлекувањето паралели помеѓу ситуацијата на Алексеј Навални и случаите во Северна Македонија вклучува разгледување на пошироките теми на политичката опозиција, напорите за борба против корупцијата и владините реакции во двата контексти.

Северна Македонија го виде својот дел од политички контроверзии и корупциски скандали. Овие вторите, можеби не во истиот обем и интензитет како претходно, продолживме да ги гледаме, а веројатно ќе продолжи да ги има и понатаму. На 9 февруари 2015 година, на граѓаните им беше претставен скандалот со прислушувањето кој вклучуваше незаконско следење на повеќе од 20.000 луѓе. Политичката и граѓанската опозиција во државата се соочија со предизвици, правни притисоци, обвинувања за соработка со странски служби, работа против државата и сл. Имаше неколкумина храбри и многу одлучни кои постепено работеа на промената.

Политичката клима, исто така, го виде својот дел од правни и политички маневри против политичката и граѓанската опозиција. Покрај многу правни предизвици и наместени процеси против политичката опозиција имаше политички мотивирани истраги и обиди за заплашување и против граѓанската опозиција. На листата за „отстрел“ според информациите со кои располагавме имаше 148 познати граѓански активисти, меѓу кои и јас. Можам само да замислам во која насока ќе отидеше заробувањето на државата ако 27 април 2017 година завршеше на поинаков начин, а можеше.

Северна Македонија повеќе не се перципира како заробена држава. Споредено со 2015 и 2016 недостига квантумот на концентрација на моќта во неколку политички лидери, не само во обем туку и во начинот на користење. За жал корупцијата и перцепцијата за корупција е се уште присутна, но информации за дел од трошењето се подостапни, а за нив исто така се зборува многу повеќе одошто претходно. Оттаму, недостига и севкупната контрола на медиумите преку најшироката палета на средства за влијание. Граѓанските активисти повеќе не се соочуваат со заканите и притисоците  на кои беа изложени во 2015 и 2016, иако јавниот дискурс е исклучително грд, често дури и агресивен, а методите со кои некои од нив се користат се повеќе припаѓаат на темно сивата зона на легалноста.

Споредено со 2015 и 2016 година повеќе меѓународни рангирања, меѓу кои Индексот на перцепција на корупцијата од Транспаренси Интернешнл, Индикаторите за управување во светот на Светска Банка, Индексот за демократија на угледниот Економист, Индексот на економска слобода од фондацијата Херитиџ, рангирањата за слободата на говор и политичките слободи на Репортери без граници и Фридом хаус покажуваат општ и постојан напредок. Подобрувањата во перформансите на државата се должат на реформите и иницијативите преземени низ изминатите години. Тие, пак, генерално се должат на вклученоста на Европската Унија, САД и Обединетото Кралство, партнерството со западните либерал-демократии, членството во НАТО и пристапувањето во Европската Унија.

Борбата против заробувањето на државата во Северна Македонија е во тек. Таа мора да продолжи и натаму! Верувам дека многумина од оние 148 активисти споменати погоре очекуваат или бараат подобро. Многумина од нив остануваат верни на сопствените идеали и бараат државата во која нема да има предизвици од нивото на оние со кои се соочуваме и во која целосно и доследно се спроведуваат реформите кои гарантираат почитување и зголемување на слободите на сите граѓани. Тоа е меѓутоа сложен процес, кој се спроведува чекор по чекор. Тоа е процес кој бара постојан напор и од владата и од граѓанското општество, како и поддршка од меѓународните партнери. Токму тоа, партнерството, со западните либерални демократии е механизмот кој од оваа земја ќе направи држава, а од државата ќе направи пристојно место за живеење за сите.

Би сакал да верувам дека било каква можност за повлекување паралела со Русија заврши во периодот помеѓу 2015 и првата половина од 2017 година. Би сакал да верувам дека во државава животот на човекот, добриот живот во среќа и слобода, без било каков напад, макар и вербален од политичките неистомисленици, се вреднува повеќе од удобноста и психичката смиреност на еден или малкумина политички моќници.

Ние имаме избор. Имавме избор во 2016. Имавме избор до сега, а имаме избор и оваа пролет. Изборот е да одлучиме да чекориме напред, онаму каде што партнерството со западните либерал-демократии значи и среќа за нашите граѓани и за сопствената држава. Зашто, се освен движењето напред и кон прогрес, ќе значи заостанување во простор и време во кои тромбоемболијата може да не убие сите, вклучувајќи ја и државата.

Превземено од Рацин.мк