НАТО планира да го координира транспортот на голем број ранети војници подалеку од фронтот во случај на војна со Русија, можеби преку болнички возови, бидејќи воздушната евакуација може да се покаже неостварлива, објавија британските медиуми повикувајќи се на изјава на генерал-полковник Александар Солфранк, шеф на логистичката команда на НАТО (Заедничка команда за поддршка и овозможување).
Идното сценарио за медицинска евакуација ќе се разликува од досегашното искуство на сојузниците во Авганистан и Ирак, рече тој во интервју за агенцијата.
Во конфликтот со Русија, рече тој, западните војски најверојатно ќе се соочат со многу поголема воена зона, поголем број ранети војници и барем привремен недостаток на воздушна супериорност во близина на линиите на фронтот.
-Предизвикот во најлошото сценарио ќе биде брзо да се обезбеди висококвалитетна нега за голем број ранети, додаде генералот Солфранк, без да прецизира колку ранети војници очекува НАТО да има.
Планирањето на медицинските евакуации е дел од многу пошироката кампања на НАТО, поттикната од руската инвазија на Украина во 2022 година, за да се разгледа и подобри способноста на алијансата да одвраќа и да се брани од каков било руски напад.