Мојата земја е во војна, сака мир и се бори за своето постоење, изјави денеска од говорницата на ОН израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху. Целиот говор на Нетанјаху беше поврзан со ситуацијата на Блискиот Исток.
„Првично немав намера да дојдам и да зборувам, но откако ги слушнав лагите против Израел, решив да се обратам“, рече израелскиот лидер на почетокот на својот говор.
„Значи, доаѓам да ја кажам вистината. Тоа е дека Израел сака мир, донесе мир и повторно ќе донесе мир“, продолжи тој.
Според него, сепак, Израел има „страшни непријатели од кои мора да се брани“.
„Тоа се непријатели кои сакаат да ја уништат целата наша цивилизација и да не вратат во мрачните времиња на страдањата“, рече израелскиот лидер.
По прашањето за војната во Газа, тој рече дека палестинската група Хамас го нападнала Израел, убила невини луѓе и земала заложници.
„Нема да застанеме додека не ги вратиме сите заложници дома“, рече тој.
Премиерот на Израел зборуваше и за односот кон Иран.
„Имам порака за Иран: ако пукате во нас, ние ќе пукаме во вас. Нема место во Иран до кое нашето оружје со голем дострел не може да стигне, ова се однесува на целиот Блиски Исток“, нагласи Нетанјаху.
Имам и порака за целиот свет: победуваме“, извикуваше израелскиот премиер од говорницата на ОН.
Според неговите зборови, Иран претставува опасност за целиот Блиски Исток и за целиот свет, „бидејќи ја промовира радикализацијата насекаде“.
Нетанјаху зборуваше и за борбата на Израел против либанското шиитско движење „Хезболах“.
Тој појасни дека акциите на Израел не се насочени против Либан, туку против „Хезболах“ и додаде дека доколку „Хезболах избере војна, Израел нема избор и има право да се брани“.