Моника Зафировска е добитникот на годинашната награда „ВАВИЛОН – Нова генерација“ за најдобар студентски превод што ја додели вчера Делегацијата на ЕУ во земјава, во партнерство со Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ – Скопје, по повод Европскиот ден на јазиците.
Зафировска ја доби наградата за нејзиниот превод на дел од „Песната на Пророкот“ од Пол Линч, од англиски на македонски јазик. Наградата се состои од студиско патување поврзано со преводот, како и објавување на победничкиот превод во Годишните собрани трудови на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ – Скопје.
Наградата ја додели амбасадорот на ЕУ Михалис Рокас.
-Го одбележуваме Европскиот ден на јазиците со наградата „Вавилон“ со цел да ја славиме јазичната разновидност и богатото културно наследство на Европа. Македонскиот јазик и сите други јазици што се зборуваат во оваа земја се составен дел на ова наследство, рече Рокас во говорот.
Целта на „Вавилон“ е да ги поддржи младите преведувачи во Северна Македонија и да ја нагласи важноста на квалитетот во литературните преводи. Конкурсот беше отворен за студенти кои можеа да се пријават со превод на литературно дело од кој било од 24-те официјални јазици на Европската унија на кој било од јазиците што се зборуваат во земјата.