Љуан ИМЕРИ
Светот станува се поопасно и небезбедно место за живеење. Сведоци сме на насилство насекаде околу и во самите нас. На вооружените конфликти не само што не им се надзира крајот, туку напротив избувнуваат нови конфликти, ново насилство.
Во услови кога неказнивоста се озаконува се чини несоодветно да разговараме за теми од областа на дискриминацијата и прекршувањата на човековите прва, вклучувајќи ги и правата на детето. Последните случувања во регионот, но и во светот, секако дека преставуваат низок удар не само врз борците за човекови права и рамноправност туку и врз сите слободоумни граѓани и човештвото во целина.
Насилството, војните и тероризмот преставуваат сериозна закана за постоењето на многу држави, а понекогаш и некои држави делуваат како терористичка организација додека други активно подржуваат тероризам.
Иако разочарувањето е големо, ова и слични ситуации никако не смее да нè поколебаат во нашата борба за еднаквост, подобар и поправеден свет, свет без насилство. Борбата за мир и човекови права бара долгорочна посветеност и истрајност. Борбата мора да продолжи бидејќи само во услови кога може да се остварат и заштитат правата и слободите на сите луѓе може да очекуваме остварување и заштита на сопствените права.
Ниските удари станаа наше секојдневие. Некои едноставно не можат да издржат пред ваков обем на насилството и прекршувањата на човековите права. Но, ниту револуциите ниту некои позначајни промени низ историјата не се случиле поради молчење или пак со мирно стоење во место.
„На крајот, нема да се сеќаваме на зборовите на нашите непријатели, туку на молкот на нашите пријатели“ (Мартин Лутер Кинг).
Мене лично, добронамерните гласови секојдневно ми укажуваат дека некои битки во кои се впуштам се однапред изгубени, дека морам да се откажам затоа тоа јас не можам сам против сите. Можеби е така, но сепак еден дел од мене никогаш нема да се откаже и нема да се предаде без борба и без јасна порака дека не се согласувам, дека нешто не е праведно, дека нема да прифатам нешто што е против моите принципи. За жал, многумина борци за човекови права едноставно се откажа. Некои стана рамнодушни, некои останаа без зборови за се што ни се случува, а некои стана толерантни кон тоа против кое некогаш се бореле. „На крајот, нема да се сеќаваме на зборовите на нашите непријатели, туку на молкот на нашите пријатели“ (Мартин Лутер Кинг).
Во овие бурни времиња, се чини дека молкот е најдобра опција. Не молчат само нашите пријатели, за да биде апсурдот поголем, молчи цела една Европа. Случајот на палестинската писателка Аданија Шибли е најновиот и можеби најдобриот пример за такви апсурди. Откажувањето на церемонијата на доделување на наградата за Аданија Шибли на саемот на книгата во Франкфурт ги покажува ризиците од наметнување на еден наратив на нашиот културен простор. Претходно театарот „Горки“ во Берлин ја откажа изведбата на австриско-израелската претстава „Ситуацијата“ од Јаел Ронен.
Откажувања, молк, неправди!
Молчењето, перформативното игнорирање и избегнување на прашањето за Израел -Палестина, војната во Украина и многу вакви слични примери не одат во прилог на мирот, а ниту ќе да помогне да се спречи денешниот антисемитизам.
За жал, молчењето веќе одамна стана наша национална дисциплина, но уште пострашно, и светот се повеќе молчи и не реагира на неправдите и на насилството. Молчиме на неправдите и дискриминацијата врз нашите сопствени деца во образовниот систем, молчиме и дозволуваме криминалците да наместо во затвор да се шетаат слободни, молчиме и сега кога ние од наши пари треба да им платиме оштета поради застареност на делата односно поради законските измени кои самите криминалци ги стокмија.
Молчиме и кога гледаме како нè крадат во секој чекор. Молчиме и кога ни умираат луѓе поради недостаток на лекови. Молчиме и не ги сакаме бегалците кои бегаат од војна. Молчиме на верскиот екстремизам. Молчиме на секојдневното убиство на деца и цивили. Едноставно молчиме за сè што ни се случува.
Молчиме затоа што можеби се плашиме да реагираме, можеби молчиме поради заканите што ни се упатуваат (или очекуваме дека ќе ни се упатат), а можеби молчиме и затоа што мислиме дека ништо нема да се промени и да реагираме, ама без разлика на причините, ние си молчиме! Молчиме и чекаме некој друг да (из)бори за нас. Се повеќе се повлекуваме во себе (не)сигурни дека некој друг ќе го направи она што е потребно за светот да биде поубаво место за живеење. Ние немаме време, ама сме сигурни дека некој друг ќе најде време за тоа. Чекаме некој да мавне со магично стапче за да ја отстрани сета неправда. Ќе си молчиме се додека не дојдат по самите нас, а кога ќе дојдат, ќе ни биде јасно дека ништо не можеме затоа што никој нема да стане во наша одбрана, баш така како што денеска ние не застануваме рамо до рамо со сите оние кои имаат потреба од нас. Молчиме и го чекаме Годо во надеж дека ќе нè спаси и дека ќе нè подигне од дното на кое се наоѓаме.
Молчењето не е злато за оние кои се борат во животот, за оние кои на своите рамена носеле тешки товари. Молчењето никогаш не смее да биде опција за борците, за моите соборци за поправеден и помирен свет.
Превземено од Рацин.мк