Министерството за одбрана категорички ги отфрла сите тврдења на пратеникот Талат Џафери, кој како поранешен министер за одбрана, и до пред само 7 месеци дел од коалиционата влада, треба да знае како функционира системот на одбраната, истакнуваат во реакцијата од ова министерство откако поранешниот министер за одбрана и експретседател на Собранието, Талат Џафери изјави дека застапеноста на Албанците во Армијата е на историски најниско ниво.
„Имено, Министерството за одбрана на чело со министерот Владо Мисајловски најпрофесионално и најодговорно го почитува начелото на соодветна и правична застапеност на сите заедници, кое е врз основа на критериумите на стручност и компетентност и истото се применува при вработувањето, процесот на водење во кариера, стручното оспособување, усовршување и школување на сите вработени во Министерството.
Како што веќе е запознаена јавноста, Министерството за одбрана во моментов се наоѓа во процес на внатрешна структурна реорганизација, па оттука наодите се произволно интерпретирани и паушално дадени. Пратеникот Џафери свесно шири дезинформации иако многу добро знае дека откако имаше промена на власта во државава кон крајот на јуни 2024 година, ниту еден припадник од албанската етничка заедница не е променет, деградиран или дискриминиран согласно новата систематизација во Министерството“, е напишано во реакцијата.
За илустрација на фактичката состојба како што посочуваат, во моментов, функцијата заменик министер во Министерството за одбрана ја извршува токму припадничка на албанската етничка заедница.
Според МО, припадници од албанската етничка заедница се застапени во сите структури на Министерството и Армијата започнувајќи од највисоките раководни органи односно од работната позиција државен советник, раководител на сектор, помошник раководител на сектор, раководител на одделение и сите останати позиции, како и во сите нивоа на Армијата од професионални војници до генерали.
Министерството за одбрана, додаваат од оваа институција, во изминатиот период посветува особено внимание на охрабрувачки мерки за поттикнување и инкорпорирање на соодветна и правична застапеност на заедниците, особено кога станува збор за интерни огласи, но и јавни огласи и конкурси.
„Армијата и одбраната се професионална структура која никогаш не земала предвид нечија етничка припадност. Тоа така и ќе остане без оглед на обидите на политичките партии да ја оцрнат одбраната и Армијата кои имаат најголем углед кај граѓаните.
Независно од етничката припадност, секој оној што со својот професионализам, труд и посветеност придонесува во системот на одбраната ќе биде награден или унапреден, а секој што работи спротивно на интересите на граѓаните и кој нанесува штета на угледот на Армијата и министерството ќе биде санкциониран. Во однос на модернизацијата на Армијата, несфатливо е тврдењето дека постои застој иако како член на Комисијата за одбрана и безбедност во македонското собрание, пратеникот знае дека оваа година над 32 проценти од одбранбениот буџет се одвојуваат за оваа намена. 106 милиони евра ќе бидат инвестирани во опремување, што е 18 милиони евра повеќе од минатата година. Овој процес тече и граѓаните тоа го гледаат, а дополнително оваа година ќе се комплетира набавката на лесните оклопни возила JLTV, ќе пристигнат оклопните возила „Stryker“, системите за против-воздушна одбрана „Mistral 3“, артилериските системи „Boran“, лесно пешадиско вооружување и останата лична опрема, со што борбената готовност на Армијата значително ќе се зајакне.
Во однос на униформите, изминативе години се набавувале делови од униформи односно еден дел од една компанија, еден дел од друга итн. и за жал квалитетот е различен. Токму заради тоа и заради реакциите на припадниците на Армијата кои со гордост ја носат, донесовме одлука наместо набавка на униформа во делови од различни компании, да пристапиме кон набавка на комплет униформи. До крајот на јуни оваа година ќе обезбедиме 3.900 нови комплети униформи, а дополнително согласно донесениот План за јавни набавки за оваа година обезбедени се над 100.000.000,00 денари за чизми, борбени, службени и гардиски униформи.
Во однос на храната на секој еден припадник на Армијата му се исплаќа месечен надоместок од 15% од просечната плата во државата за претходната година, односно на месечно ниво од околу 5.500 денари, сразмерно на деновите кои вработениот ги поминал на работа. Но, за припадниците кои се ангажирани 24 часа на работа, како што се стражарската служба, дежурниот персонал и активностите на терен се обезбедува храна.
Постапката за унапредување и поставување на началникот на Генералштабот на Армијата, Сашко Лафчиски, е целосно спроведена во согласност со законот и притоа не е сторена никаква повреда на ниту една правна норма од позитивното законодавство на Република Северна Македонија.
А во однос на изнесените дезинформации за пополнетоста со воен персонал во Армијата со припадници од албанска етничка припадност, информираме дека заклучно со месец јануари 2025 година застапеноста изнесува 24,26 проценти односно 1,18% повеќе во однос на овој период минатата година, кога изнесуваше 23.08%.
Во однос на старешинскиот кадар, во дел од единиците, припадниците на Армијата од албанска националност се околу 30%, а како пример застапеноста во Воената полиција е 29,27%.
Дополнително од вкупно 5 команданти на првопотчинетите команди и единици на ГШ на Армијата, двајца команданти (во Командата за операции и во Логистичката база), како и еден заменик на командант (во Командата за обука и доктрини) се припадници од Албанската националност“.
Од министерството потенцираат дека се работи за неоснована, непотврдена и неточна информација, која има единствена цел да изврши дезинформирање на јавноста, а со тоа да се наштети на имиџот и угледот на Министерството за одбрана и на Армијата.
Министерство за одбрана, кое работи во интерес на државата, како што додаваат во напишаното, на граѓаните и врз основа на важечките закони, ќе продолжи и во иднина да ги цени и вреднува сите вработени и нивната компетентност и придонес за одбраната.