Министерството за надворешни работи на Република Бугарија изразува длабоко сочувство до братскиот народ на Република Северна Македонија во врска со трагичниот инцидент во градот Кочани, во кој загинаа десетици луѓе, а многу други беа повредени, стои во официјалното соопштение на бугарското МНР по повод трагедијата во Кочани.
Министерот за надворешни работи на Република Бугарија, Георг Георгиев, утрово оствари телефонски разговор со својот колега, министерот за надворешни работи на Република Северна Македонија, Тимчо Муцунски. Во текот на разговорот, министерот Георгиев изрази искрено сочувство од бугарската влада и народ до семејствата и роднините на загинатите.
Шефот на бугарската дипломатија изрази надеж за брзо закрепнување на повредените и ја истакна подготвеноста на Република Бугарија да пружи помош за лекување на повредените на територијата на нашата земја.
Министерот Георгиев беше информиран од неговиот колега министер Муцунски за досега преземените мерки од страна на властите во Северна Македонија за справување со последиците од инцидентот.
Во овој тежок момент за Република Северна Македонија, бугарската страна ја нагласува важноста на солидарноста и добрососедските односи меѓу двете земји во тешки времиња и останува подготвена да обезбеди дополнителна помош доколку е потребно, стои во соопштението на МНР на Бугарија.