Во шорткастот „Што има ново?“ на ИМА, Петрит Сарачини разговара со Миша Поповиќ од Институтот за демократија Социетас Цивилис, организација која работи повеќе години во областа на владеење на правото и борба против корупцијата.

После 8 месеци од формирањето на новата Влада која ја истакна борбата против корупцијата како еден од главните приоритети во својата програма, според него, може да се забележи мешана пракса.

„Значи, гледаме интерес во некои области каде што се сака да се делува антикорупциски. На пример, има некој интерес во здравството…Да се дигитализираат процеси, со тоа да се намали човечкиот фактор, којшто знаеме дека традиционално се врзува со дискреција и со можност да се одлучи арбитрарно за некаква работа. И, колку повеќе се дигитализираат процесите, тоа подобро. Меѓутоа, истовремено гледаме дека се случуваат некои настани, некои измени, коишто би рекол неповолно влијаат на борбата против корупција. Во прв ред, би рекол, слабата консултација, уште на самиот старт се измени нели Законот за организација на работата на државната управа, без некоја особена консултација. Последното беше со Законот за јавни набавки којшто беше изменет, и според ДКСК, во насоки во коишто не се доуредуваат одредени аспекти на контролата на јавните набавки, дури би рекол дека на некој начин можеби и се назадуваат“, оценува Поповиќ.

Осврнувајќи се на носењето на закони по скратена постапка со европско знаменце, Поповиќ смета дека таа повеќегодишна пракса, како и неконсултирањето и невклучувањето на различни засегнати страни, може да биде „сигнал за неповолна клима“ во којашто се носат таканаречени „скроени закони“, со кои се озаконува корупцијата.

„Одредени личности сакаат да имаат контрола на исходот од потенцијално вовлекување во корупција. Контрола на исход, во смисла на тоа дека нема да бидат осудени и нема да бидат кривично гонети…Собранието е едно тело во коешто вие можете да обезбедите дека пратениците ќе ви изгласаат закон во којшто ќе се озакони корупцијата. Тоа се тие таканаречени скроени закони. И од тука е многу важно да се намали онаа пракса на носење закони по скратена постапка, да се дигне сериозно квалитетот на носење одлуки, за да не се носат такви скроени закони”, истакна Поповиќ.

Според него, успехот на Владата во борбата против корупција треба да се мери низ подобрување на квалитетот на услугите што ги добиваат граѓаните. „На крајот на денот, корупцијата во една земја се мери по квалитетот на амбиенталниот воздух. Затоа што, за да вие имате загаден воздух, вие или сте погрешиле во урбаното уредување и сте дозволиле во котлина да има изградено премногу, тоа значи дека некој надзор во урбаното уредување потфрлил. Или, недоволно добро ги контролирате индустриските загадувачи. Значи сето тоа е поврзано со неуспех на институциите да обезбедат доволна, должна контрола врз сите фактори коишто влијаат на квалитетот на животот, еве во случајот на квалитетот на амбиенталниот воздух“, заклучува Поповиќ

Поповиќ зборуваше и за критиките за партиски влијанија во Платформата за борба против корупцијата, за транспарентноста на институциите, за работата на ДКСК и случајот со именувањето на директорот на АНБ, за судството, обвинителството и најавите за разрешување на членови на Судскиот совет во Собранието.

Погледајте и слушнете повеќе за овие теми во најновата епизода на видео шорткастот „Што има ново?“ на ИМА.

 

Извор: ИНСТИТУТ ЗА МЕДИУМИ И АНАЛИТИКА ИМА