Министерот за одбрана Владо Мисајловски денеска во Брисел во рамки на предвидените состаноци на министри за одбрана на Северноатлантскиот совет на НАТО, учествуваше на состанокот на Контакт групата за Украина, кој за првпат се реализира под водство на Обединетото Кралство.
На состанокот предводен од секретарот за одбрана на Обединетото Кралство, Џон Хили, на кој учествуваа министри и високи претставници на 50-тина земји, генералниот секретар на НАТО Марк Руте како и високиот претставник за надворешна и безбедносна политика на ЕУ, Каја Калас, фокус беше поддршката на Украина.
Од започнувањето на агресијата врз Украина, македонската Влада досега има донесено 15 (петнаесет) одлуки за хуманитарна и воено-техничка помош и поддршка на Украина и украинскиот народ како земја која ја брани својата независност и територијален суверенитет и во континуитет се залага за почитување на меѓународното право и правен поредок.
Престојот во Брисел продолжува и утре со состанокот на Северноатлантскиот совет на НАТО на ниво министри за одбрана и состанокот на Советот НАТО- Украина.