Во пресрет на 120-годишнината од големиот македонски празник Илинден, вчера низ улиците на општина Аеродром се одржаа последните подготовки на Илинденската коњаница, која оваа година по 45-ти пат традиционално ќе маршира до Крушево, објави порталот Фактор.

На подготовките присуствуваше и градоначалникот на Општина Аеродром, Тимчо Муцунски, кој напомена дека овие настани кои се од големо значење за македонската култура и традиција, секогаш ќе добиваат поддршка од него и Општината.

„Илинденското востание го означува почетокот на нова фаза во развојот на македонското ослободително движење и има посебно значење во историјата на македонскиот народ. Овој празник не потсетува на историската борба и вечниот стремеж на македонскиот народ за слобода и самостојна држава и на сите оние кои со своите дела и подвизи трајно се вградиле во овој чин“, напиша градоначалникот Муцунски на својот Фејсбук профил.

Оваа година, откако Министерството за култура одлучи да ја запре поддршката за здружението „Илинденски коњички марш 1978“, единствен генерален спонзор и финансиски покровител на настанот е Општина Аеродром.