„Министерството за јавна администрација, односно Државниот управен инспекторат, најостро ги демантира лагите и манипулациите што Демократската унија за интеграција (ДУИ) ги шири во јавноста. Обвинувањата дека Државниот управен инспекторат утврдил злоупотреба на службената положба и одземал надлежности на министерот за животна средина Изет Меџити, се целосно неточни и злобно конструирани со политичка заднина“, демантираат од Министерството за јавна администрација во однос на обвинувањата од страна на Демократската унија за интеграција (ДУИ) за Државниот управен инспекторат.
„ДУИ, како партија која повеќе од две децении ја држеше заробена администрацијата и систематски ја претвораше во алатка за партиски интереси, сега се обидува да манипулира со јавноста преку лаги и дезинформации.
Државниот управен инспекторат нема ингеренции за одземање на надлежности на министри, ниту за водење истраги за корупција – тие се во доменот на правосудните органи, кои токму ДУИ ги блокираше со години за да се заштити од одговорност.
Она што навистина се случи е редовен инспекциски надзор во Управата за животна средина, спроведен согласно Годишниот план за работа за 2024 година. Овој надзор се однесува исклучиво на почитувањето на законските процедури и нема никаква поврзаност со обвинувањата што ДУИ ги пласира.
Очигледно е дека ДУИ, соочена со губење на влијанието и привилегиите што си ги создаде врз грбот на граѓаните, сега посегнува по очајни методи на политички спинови.
Наместо да одговорат за сопствените злоупотреби и партизација на институциите, се обидуваат да ја префрлат вината врз оние што вистински работат на градење транспарентна и професионална администрација.
Министерството за јавна администрација, преку Државниот управен инспекторат, нема да дозволи политички структури да го злоупотребуваат системот за свои дневнополитички цели.
Јавноста има право да знае дека оваа Влада се води од принципите на законитост и отчетност – нешто што ДУИ никогаш не можеше да го постигне додека беше на власт“, се додава во демантот на Министерството за јавна администрација.