Министерката за одбрана Славјанка Петровска и началникот на Генералштабот, генерал – потполковник Васко Ѓурчиновски положија венци цвеќе на спомен плочата во касарната „Илинден“ во Скопје, во спомен на осумтемина бранители, припадници на Армијата кои ги загубија животите кај месноста Љуботенски Бачила.

Како што соопшти Министерството за одбрана, венци беа положени и на спомен обележјата на загинатите бранители во село Љубанци, во Општина Ѓорче Петров и во Волково.

На овој ден, пред 22 години, на патот кај месноста Љуботенски Бачила животот го загубија Томе Бадаровски, Гоце Чанкуловски, Бранко Јанев, Томислав Настевски, Марјанчо Бошевски, Ивица Златевски, Томе Димовски и Раде Јанковски, припадници на резервниот состав на Армијата.