Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини Сања Божиновска учествуваше на 9. издание на Годишната конференција за енергетска безбедност на Централна и Источна Европа, организирана од Глобалниот енергетски центар на Атлантскиот совет, во Вашингтон, каде како еден од говорниците на конференцијата, заедно со американски и европски претставници за енергетика, дала свој осврт на темите од значајност за секторот и енергетската безбедност во Европа.

Учеството на министер од нашата држава на конференција од ваков калибар, како што информираат од Кабинетот на министерката за енергетика,
рударство и минерални суровини, го потенцира активниот ангажман во унапредувањето на енергетската безбедност и негувањето на соработката со глобалните партнери.

-Конференцијата за енергетска безбедност на Централна и Источна Европа е платформа за интеракција со клучните глобални енергетски лидери, а истовремено и можност за зајакнување на нашето влијание во регионалните енергетски дискусии. Со фокус на усогласување на енергетските политики на земјата со пошироките трансатлантски стратегии, преку зајакнување на партнерствата со американските и европските лидери и привлекување на потенцијални инвестиции, во пракса ја реализираме посветеноста на енергетската безбедност и одржливост, што всушност е и еден од приоритетите за кои потенцирав дека ќе се фокусираме како Министерство. На овој начин и со активно вклучување ќе добиеме рамноправен статус и третман при обликувањето на политиките што се однесуваат на геополитичките предизвици кои влијаат на регионот, изјави Божиновска.

Во излагањето Божиновска, се вели во соопштението, потенцирала дека Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини активно работи на зајакнување на партнерствата во меѓународните институции кои соработуваат со државата во полето на енергетиката, како што се Европската банка за реконструкција и развој и Европската инвестициска банка. Исто така, подвлече дека покрај економската соработка исто така важна е и размената на знаење и добри практики од соседството и поширокиот регион. Покрај ова, исто така изјави дека зелената транзиција не е пожелна, туку неопходна за Македонија и за целиот регион, и дека истата претставува заедничка иницијатива која има за фокус подобра иднина на целиот регион.

Настанот, се вели во соопштението, претставува можност за приказ на енергетските приоритети на нашата држава на глобалната сцена и инволвираност во дискусиите за енергетската политика, безбедноста на снабдувањето и закрепнувањето на енергетскиот сектор во време на економска криза. Додека регионот продолжува да навигира помеѓу сложените геополитички тензии и тековната енергетска транзиција, оваа конференција обезбедува платформа за Македонија дополнително да ги зацврсти партнерствата во обликувањето на енергетската иднина на Европа.