Миликије Халими е предложена и избрана за директорка на јавното претпријатие АД Аеродроми врз основа на универзитетска диплома што ја приложила, изјави денеска премиерот Димитар Ковачевски.

Премиерот додаде дека е избрана од Надзорниот одбор на претпријатието врз основа на исполнети критериуми.

-Таа е предлог на Владата врз основа на универзитетската диплома што ја има и која ја имаат и други функционери што извршуваат пратенички функции, рече Ковачевски.

Назначувањето на поранешната градоначалничка на општина Арачиново за директорка предизвика лавина реакции.

Халими ќе управува со двата меѓународни, скопскиот и охридскиот во оној дел кој не е под концесија на ТАВ, како и со спортските аеродроми.

Претходно, со АД Аеродроми раководеше Трајче Ангеловски.

Миликије Халими на својот Фејсбук профил најави дека фокус ќе стави на зголемување на квалитетот на услугите за сите корисници како и зголемување на ефикасноста и ефективноста на работењето на институцијата генерално.