Неуспешен обид за интерпелација на петмина функционери во Собранието очекува премиерот Христијан Мицкоски. Собранието в петок почнува со работа, а на првата седница се интерпелациите за вицепремиерот и министер за животна средина – Изет Меџити, за министерот за внатрешни работи – Панче Тошковски и за неговиот заменик – Астрит Исеини, за министерот за односи меѓу заедниците – Иван Стоилковиќ и за Илире Даути – претседателка на Комисијата за социјала политика, демографија и млади.

„Очекувам од опозицијата напади што ќе поларизираат. Очекувам да поттикнат чувства на меѓуетничка нетолеранција, но мислам дека тоа ќе биде јалово и неуспешно и овој обид ќе заврши како неуспешен. Очекувам критики, кои се неосновани, и критики што немаат никаква врска со реалноста. Но, добро, таква ни е опозицијата во овој момент. Се надевам дека е извлечат поука, многу бргу програмски ќе се реструктуираат, но и кадровски ќе се освежат, бидејќи навистина таму гледаме некредибилни луѓе, ние имаме институционална меморија и знаеме што сѐ правеа во минатото“, рече денес премиерот Мицкоски одговарајќи на новинарски прашања по пуштањето во употреба спортска балон-сала во штипската населба Три Чешми.

Интерпелациите за Меџити, Тошковски, Стоилковиќ и за Исеини на 3 декември минатата година ги поднесе пратеничката група на „Европскиот фронт“ по апсењата за инцидентите при одбележувањето на Денот на албанското знаме.

Интерпелацијата, пак, за Илире Даути ја поднесе партијата Левица на крајот на ноември оти во рок од 24 часа не го ставила на дневен ред на собраниска комисија законот за бранители.

Претседателот на Собранието, Африм Гаши, пред две недели најави дека интерпелациите ќе бидат ставени на дневен ред на првата собраниска седница во јануари. Седницата ќе почне во 11 часот.