Зоран БОЈАРОВСКИ
Очајничка и крајно лузерска е изјавата на Мицкоски дека „светот и Европа прават стратегија како да го скршат ВМРО-ДПМНЕ и оние 44 да изгласаат предавнички уставни измени во парламентот скроени по бугарски диктат“.
Со оваа крајно афектирана и „штракната“ изјава на Мицкоски можеме да си играме мајтап или да ја земеме за сериозно. Гледам дека како таленти за мајтап, народот веќе ја пофати на тој начин и изјавата на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ сега е главен хит на социјалните мрежи, а богами и прва тема во кафеанските муабети.
„И немојте да мислите дека е лесно, не е лесно. Силна борба се води за да се одбрани честа на македонскиот народ“, кажа Мицкоски.
И навистина не му е лесно. Да се уфилмаш во таков филм во кој ти си херојот на „силната борба за да се одбрани честа на македонскиот народ“, не е лесно.
Не е лесно да одговориш на прашањата: Од што ја браниш честа на македонскиот народ? Од тоа да не ги прекине започнатите преговори за членство во ЕУ? Од тоа да и го затвориш патот до пазар од 500 милиони потрошувачи на кој македонските компании ќе можат да бидат еднакви со европските? Од пристапот до ЕУ фондови повисоки за 11 пати отколку што се сега, а досега Македонија искористила близу 1 милијарда евра? Ја браниш од прифаќање на европските стандарди во владеењето на правото и стандардите на правната држава и човековите права?
Ги зајакнавме и подигнавме безбедносните стандарди со членството во НАТО со храбри одлуки, а Мицкоски сега со неговата борба со ветерни мелници ја брани Македонија од тоа да го подигне квалитетот на животните стандарди, од грижата за младите да бидат еднакви со нивните врсници во ЕУ.
Од тоа ли ја брани Мицкоски Македонија затскривајќи се зад звучната фраза дека води „силна борба за да се одбрани честа на македонскиот народ“.
И нема поубав и поударен наслов за овој текст од самиот екстракт на изјавата на Мицкоски: „Светот и Европа размислуваат како да нè скршат“ за да се открие, да се демаскира политичкиот лупинг на Мицкоски. За да се види дека токму тој и ВМРО-ДПМНЕ се актерите на „кршењето“ на Македонија. По сите основи.
Тие беа актерите на кршењето на идентитетот на Македонците во антички; Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ не ракоплескаа на седницата на која свечено беше поздравено членството во НАТО; Во времето на ВМРО-ДПМНЕ медиумите и слободата на говорот беа на дното на индекс листите; Со сите соседи бевме искарани и во тотална изолација; Светот ја препознаваше Македонија како заробена држава…
Е тоа е кршење.
Политичките и комуникациските стратези на ВМРО-ДПМНЕ, како и оние стратези кои се фокусирани на градењето на „ликот и делото“ на Мицкоски како лидер за изборна победа на партијата, со оваа последна „штракната“ изјава на Мицкоски, очигледно избрале да одат во екстремната варијанта на кокетирање со ефектите на теориите на заговор.
Тое е надвор од секоја реалност, како што е надвор од секоја реалност дека Светот и Европа тргнале да ја скршат Македонија. Како да ја скршат кога Светот (читај САД) со Дијалогот за стратешко партнерство ги постави односите со Северна Македонија на највисоко можно рамниште со кое Вашингтон и Белата Куќа воспоставуваат такво партнерство со било која странска земја.
Како Брисел сака да ја скрши Македонија кога нашата трговска размена со ЕУ е 25 пати поголема од онаа со Русија, а македонскиот јазик влегува во официјалната комуникација на ЕУ и ќе го имаат предвид половина милијарда Европјани како јазик еднаков со сите други.
Долга е листата на придобивки од нашето партнерствосо САД и ЕУ каде што припаѓаме и каде што треба да се најдеме колку што може побргу. Апсолутно е бесмислена и далеку од здравиот разум изјавата дека „светот и Европа размислуваат како да не скршат“. Освен ако ова не е, како што напишавме погоре, стратегија на политичките и комуникациски стратези на ВМРО-ДПМНЕ за претстојната изборна кампања.
За оние со кусо паметење, или, пак, за оние помладите, важно е да се укаже дека овој тип на политичка и комуникациска стратегија не е непозната во регионот. Во таква кампања на времето се впушти и српскиот лидер Слободан Милошевиќ, но видовме и познато е како заврши неговиот проект „Србија против сите“
Од друга страна, пак, изборот за оваа стратегија има традиција и во кампањите на ВМРО-ДПМНЕ.
На 17 декември 2026 година кога беше јасно дека граѓаните на Македонија ставија крај на „груевизмот“, Никола Груевски пред насобраните пред седиштето на Државната изборна комисија провикна дека е донесен проглас со кој, како што рече, „ги информираат сите оние чии очи се вперени во одбраната на Република Македонија“ дека „некои амбасадори почнаа премногу да се мешаат во внатрешната политика на земјата. Тоа мора да запре“.
Тој тип на заговор против Македонците го паметиме и во собранискиот настап на Митко Анастасовски Врапчето кога „пророчки“ беседеше:
„Еден Македонец ако остане ќе стане вампир. Вампирот ќе стане врапче, тие ќе станат многу врапчиња. Во секоја врба, во секоја гранка од дрвата, во секоја куќа, дури и во овие куќи ќе вика: ВМРО, Македонија!“
И така…, Ама, ако на Митко може и да му се прости и да му се прогледа низ прсти за политичката „наива“, Мицкоски не може да се вади на политичка наивност и „национал-романтика“. Многу вода помина под мостовите на Вардар од 1991 до денеска.
Крајот на „груевизмот“ го донесе членството во НАТО. Македонецот не стана ниту вампир, ниту врапче, а македонскиот јазик стана еден од официјалните јазици во НАТО, во заедница на најсилните земји на светот, еднаква со сите. Со крајот на „мицковизмот“ (ејјј, дури ни ова не е звучно), така ќе биде и во ЕУ.
Превземено од Рацин.мк