Премиерот Христијан Мицкоски вели дека со ребалансот на Буџетот не се кратат средства од здравството. Приоритет на Владата, како што денеска изјави, ќе биде завршувањето на изградбата на клиничките болници во Штип и Кичево, за што веќе се разговарало со една компанија.
– Веќе работиме со една компанија и тоа ќе го направиме по еден економски модел кој нема да значи сомневања за криминал, посебни специјални закони. Ќе има транспарентна процедура, тендерски ќе биде согласно законот. Се крати онаму каде требаше да се скрати, а тоа е да не се крати на болните од канцер, да не се плаќаат надоместоци за организациските директори, да не се крати од негата на луѓето на кои таа им е потребна, изјави Мицкоски, одговарајќи на новинарски прашања по денешната посета на Трубарево.
Според него, состојбата во здравството е апокалиптична и вели дека додека е претседател на Владата нема да дозволи сопственици на веледрогерии да се богатат на сметка на здравјето на граѓаните.
– Лично ќе ги гледам фактурите на Царина кога ќе се увезуваат медикаменти за да не може поединици да книжат ненормални суми пари на сметка на здравјето на граѓаните, изјави Мицкоски.
Во однос на обвинувањата од опозицијата дека ребалансот на Буџетот е неразвоен, Мицкоски рече дека целта на СДСМ и на ДУИ е да измислуваат и да критикуваат.
– Имаме различни цели. Нивната цел е да критикуваат и измислуваат, а нашата е колку повеќе проекти да сработиме. Останиле буџет без пет милијарди денари редовно за пензионерите затоа што шверцерски исплатиле една пензија во една фискална година за претходната година. (јануари за декември). Заборавиле 3,7 милијарди денари за земјоделците, околу половина милијарда за плати за Национални шуми, но не заборавиле да ги разместуваат луѓето во неколку министерства за што луѓето тужеле, рече Мицкоски, посочувајќи дека во Министерството за внатрешни работи по овој основ треба да се исплатат повеќе од 20 милиони.
Тој потенцира дека летово ќе се занимаваат со тоа да ја стабилизираат состојбата, а од септември ќе се занимаваат со тоа што претходната власт направила.
За кредитот што земјава треба да го земе од Унгарија и која е мотивацијата унгарската Влада да ни дава ваков кредит, Мицкоски не одговори конкретно, но им се заблагодари на, како што рече, сите оние кои ни помагаат во услови кога таа помош ни е потребна, Најави дека наскоро ќе биде донесена и одлуката за Планот за раст на ЕУ и дека и оттаму земјава ќе добие финансиски средства.
– Ова е конкретна помош. Фала им на пријателите, имаме поддршка и помош од тие кои ни се пријатели во овој почеток како нова влада да направиме нешто за граѓаните, да се консолидираме. Благодарен сум им на сите оние што ни помагаат во услови кога таа помош ни е е потребна. Но тоа не е се. При крај сме со уште една владина одлука, а тоа е да го одобриме Планот за раст на ЕУ и од таму очекуваме голема финансиска инјекција и мислам дека ќе биде околу 750 милиони евра во рок од четири години. Првиот трансфер го очекуваме оваа есен така што благодарност и до ЕУ, изјави Мицкоски.