Идната коалиција во Македонија ќе ја предводи ВМРО-ДПМНЕ, а во нејзе ќе биде коалицијата која на овие избори настапи под името „Вреди“, изјави денеска, 28 април, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, во одговор на новинарско прашање на настан при увид на градежни активности во општина Аеродром.

„Треба да се почитува волјата на граѓаните. Ако го анализирате изборниот резултат, ќе дојдете до следниот заклучок, дека владините кандидати Стево Пендаровски и Бујар Османи освоија вкупно 300,000 гласа. Ако го гледате резултатот кој го одлучија граѓаните, а тоа е резултатот на Гордана Силјановска Давкова идниот претседател и градоначалникот на Гостивар Арбен Таравари тоа е близу 450,000 гласа што значи за еден и пол пати повеќе“, истакна Мицкоски.

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ изјави и дека во вториот круг од претседателските избори ВМРО-ДПМНЕ ќе очекува поддршка и од гласачите на ЗНАМ, кои во првиот круг го поддржаа нивниот кандидат за претседател Максим Димитриевски.

Сепак одговарајќи денеска на новинарско прашање на денешната пресконференција во Чаир, еден од лидерите на коалицијата на албанските опозициски партии – „Вреди“, претседателот на Демократско движење, Изет Меџити, истакна дека услов за коалицирање со која било партија се прифаќање на уставните измени и спроведување на нивната предизборна кампања.