Обединети за Македонија на Љубе Бошкоски во новите избори ќе коалицира со ВМРО-ДПМНЕ. Иако одлуката не е конечна, сепак, екс министерот вели дека е од чисто идеолошка природа.
Тој за „Фокус“ ги појасни мотивите за повторно коалицирање со ВМРО-ДПМНЕ.
„Ја напуштив ВМРО-ДПМНЕ во 2009 година, но НЕ и идеологијата. Тоа го сторив поради владеењето на Груевски и на Мијалков, со кои не можев да се согласам. Сите граѓани сме сведоци на нивните политики. Режимот на Груевски го достигнаа врвот со монтираните предмети „Кампања“ и „Ровер“ поради кои бев во затвор. Нема режим кој не ме прескокнал, како и оној во времето на Хари Костов со „раштански лозја“. По ослободителната пресуда за Ровер, кажав дека доколку раководството се огради од Груевски, јас сум подготвен да се вратам како коалициски партнер. Немам никакви услови и барања на пратенички места, немав барања ниту кон СДСМ, туку беше важно да се сруши режим. Никогаш нема да зборувам против нив како некои кои го прават тоа кога се на раководните мести. Јас советничкото место за странски инвестиции го напушти пред половина година. Сакам да бидам во десницата“, рече Бошкоски за „Фокус“ кој додаде дека добил уверувања од Мицкоски дека е ограден од Груевски.
„Ветено ми е од Мицкоски дека нема никаква врска или соработка со Груевски“.























