Претседателката Гордана Сиљановска Давкова денеска му го додели мандатот за формирање Влада на претседателот на ВМРО – ДПМНЕ Христијан Мицкоски, чија партија на парламентарните избори што се одржаа на 8 мај освои 58 мандати.

Сиљановска Давкова, повикувајќи се на уставните рокови и фактот дека претседателот на Собранието Африм Гаши беше избран со 76 гласови, изрази уверување дека Мицкоски може да формира влада и затоа му го доверува мандатот.

-Согласно членот 90, став 1 алинеа прва, мандатот задолжително се доделува во период по истекот на десет дена од конституирањето на Собранието и тоа на лидерот на партијата, односно лидерот на партиите што имаат мнозинство. Сведоци сме дека денеска истекува десетиот ден. Исто така, при конституирањето на Собранието претседателот на Собранието беше избран со 76 гласа „за“. Овој резултат и преговорите што се во тек ми даваат за право, основано да сметам дека лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски има сериозна можност да формира влада, односно да освои 61 глас за својата програма и составот на владата. Затоа чест и задоволство ми е со сигурност да верувам дека чекорот што го преземам, доверувањето на мандат за состав на влада на Мицкоски е вистински правен и политички чекор, изјави претседателката Сиљановска Давкова.

Од денеска тече дваесетдневниот рок за формирање на нова Влада. Мандатарот Мицкоски вчера изјави дека очекува новата влада да биде формирана пред крајниот рок, а по одбележувањето на годишнината на партијата на 17 јуни.

ВМРО- ДПМНЕ за формирање нова Влада водеше разговори со коалицијата Вреди и ЗНАМ. Поделбата на ресорите е веќе позната, а имињата се уште не се соопштуваат официјално.