Ова е грозоморен настан, ова е навистина преседан на кој што мора да му се стави крај и се согласувам, потребни се имиња, мораме да го впериме прстот кон вистинските виновници, не можеме да ги генерализираме работите. Јас познавам стотици и илјадници здравствени работници кои што навистина си ја почитуваат професијата, се грижат за здравјето на пациентите и не можеме сите тие да ги генерализираме на сметка на неколкумина кои што се сојузници на оваа канцер мафија, вели претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски во интервју за порталот Република во врска со аферата на Универзитетската клиника за радиологија и онкологија со биолошка терапија.

Мицкоски посочува дека за оваа афера има многу прашања но нема одговори, воопшто не знаеме ни дали има предистрага, но знаеме дека оваа канцер мафија и омилената веледрогерија се во една тесна коалиција и јас ви ветувам дека за неколку месеци од денеска, кога ВМРО-ДПМНЕ ќе ја предводи владата во Македонија, озбилно има да се занимава со работењето на оваа клиника.

Додава сека исто така, од свиркачи добиваат озбилни документи со индиции, па некаде и докази дека истото ова се повторува и реплицира на некои други клиники и во некои други здравствени установи во Македонија.

„Таму има неколку факти кои што до ден денеска никој не ги демантираше. Таму има озбилни заклучоци, озбилни дискусии и озбилни факти кои што произлегоа од работата на собраниската комисија која што го третира периодот заклучно со 2021 година. Тоа што јас го објавив во јавноста е извештај од Фондот за здравство кој што врши вонреден инспекциски надзор на јавните набавки и работењето на министерството за здравство и универзитетската клиника за радиологија и онкологија. Во министерството за здравство, вонредно, го мониторира периодот од први август 2021 година до 1 август 2023 година, што би се рекло до пред два-три месеци, а на Универзитетската клиника за радиологија и онкологија опфатен е периодот декември 2022, јануари, февруари, март 2023 година. И кога сето тоа ќе се анализира доаѓаме до низа заклучоци кои што наведуваат дека не само што не престанало криминалното однесување на канцер мафијата, туку напротив тоа си продолжило“, рече Мицкоски образложувајќи ги извештаите од вонредните инспекциски надзори на ФЗО на клиниката и министерството.

Тој додаде дека истото тоа продолжи во смисла дека не биле навремено испорачувани лекарствата кои што требало да бидат аплицирани на пациентите  и за тоа никој не сноси одговорност, нема негативна референца кон дистрибутерите, кон веледрогериите.

„Често пати се создавани дефекти во системот, односно отсуство на соодветни медикаменти кои што требало да се аплицираат на оние на кој тоа им било најмногу потребно, а тоа се пациентите корисници на тие терапии и тие морале приватно да ги купуваат. Вие знаете дека, практично, таа терапија кога ќе се почне не може да се прекине. Понатаму, исто така е констатирано дека голем број на пациенти корисници, врз основа на нивно барање, а извештај од специјалист и субспецијалист ја аплицирале таа терапија во други здравствени установи. Се поставува прашањето дали постои протокол според кој се дозволува да биде аплицирана терапијата во други здравствени установи? Нашите информации велат дека таков протокол на клиниката за радиологија и онкологија не постои“, истакна Мицкоски.

Мицкоски посочува дека воопшто не се знае ни дали транспортот на тие терапии е согласно договорот со дистрибутерот и веледрогеријата, односно дали транспортот на материјалот е на термички услови од 2-8 степени целзиусови или пак во торбички се носени или пак можеби на друг начин, ни дали вијалите, пакувањата како доказ се носел во клиниката радиологија и онкологија дека терапијата е аплицирана и кој стои позади таа апликација на таа терапија кај пациентите, ниту пак дали вијалите каде што имаме пакување кое што е поголемо од потребите на пациентот се евидентирани како остаток и дали се аплицирани на други пациенти.