Уште се работи на извештајот на инспекцискиот надзор на Гинекологијата, но ќе барам да го разгледаме и споделиме, изјави денеска министерот за здравство, Фатмир Меџити одговорајќи на прашањето за родилката која се обиде да си го одзеде животот. Тој најави дека ќе работат на мерките на воспоставување на програма за психолошко советување на жените низ целата бременост, како превенција на вакви настани.
-Мислам дека уште се работи на извештајот на Инспекцискиот надзор, но ќе го барам, ќе го разгледаме и ќе го споделиме. Ќе бидете известени во моментот кога ќе добиете таков извештај, изјави Меџити по промоција на отворањето на Центар за остеопороза и промоција на нов апарат за дензитометрија во ГОБ „8 Септември“.
Прашан дали размислува да ги зајакне болниците со психолози по овој настан, Меџити посочи дека ќе продолжат да работат на превенција, а планираат да направат програма за психолошко советување на бремените жени.
-Ние никогаш не можеме вакви настани да предвидиме. Сепак станува збор за многу комплексни и сензибилни настани. Ќе треба повеќе да работиме на превенција. За бремените жени ќе направиме програма да имаат психолошко советување низ целата бременост. Тоа е една од мерките која планираме да ја спроведеме. Не знам дали ќе биде бесплатно, ќе видиме како ќе се организира, но ќе има кампањи за ова, рече Меџити.
Инаку, во тек е инспекциски надзор на Државниот санитарен и здравствен инспекторат на Универзитетската клиника за гинекологија каде во неделата родилка се обиде да си го одземе животот.
– Комисијата е излезена на терен и во тек е надзорот за утврдување на фактичката состојба. По изготвување на извештајот од страна на ДСЗИ, јавноста навремено ќе биде информирана, соопштија вчера од Министерството за здравство.