Денеска во Скопје се одржа марш организиран од Платформата за родова еднаквост, со слоганот „Нека јадат ружи!“. Поводот беше Меѓународниот ден на жената, кога се истакнаа важни барања за подобрување на правата на жените во општеството.
Организаторите потсетија дека 8 Март не е само ден за симболични гестови, туку и за феминистичка борба за слобода и правда.
„Жените не се безбедни ниту во својот дом, ниту на улица“, беа дел од изјавите на организаторите, кои истакнаа и важноста на борбата за еднакви права во работниот простор, каде што жените се соочуваат со сексуално вознемирување, мобинг и дискриминација.
Тие ја нагласија потребата од значајна промена на политиките за родово базирано насилство и повикаа на зголемена вклученост на жените во урбанистичкото планирање, како и на борба против работната дискриминација. „Не ќе молиме полиција и обвинителство да постапуваат навремено, туку ќе продолжиме да се бориме за вистинска заштита на жртвите на насилство“, нагласија тие.
Овој ден беше потсетник за сите жени ширум светот, дека родовата еднаквост е прашање на општествено унапредување, а не само симболички празник.