Вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ замина во работна посета на Соединетите Американски Држави, каде следните три дена ќе оствари повеќе билатерални средби со високи претставници на Стејт Департментот.

Според најавата вицепремиерот Маричиќ денеска ќе се сретне со Робин Брукс, специјалниот советник за Европа на потпреседателката на САД, Камала Харис, Роб Ли, Директор на Канцеларијата за Европска Унија и регионални прашања при Стејт Департментот и амбасадорот Џим О’Брајан, Шеф на Одделот за координација на санкции при Стејт Департмент и именуван помошник Државен секретар за Европа и Евро-азија.

-На средбите се очекува да се разговара за уставните измени, севкупните реформи, со акцент на правосудството и борбата против корупцијата, актуелни теми од регионалната агенда и европската перспектива на Западен Балкан, како и за унапредување на соработката меѓу двете земји во областа на економијата и енергетиката. Во рамки на посетата на Вашингтон, Маричиќ ќе учествува на Конференцијата организирана од невладина организација „Трансатлантската лидерска мрежа“, а посветена на Западен Балкан на тема: „Трансатлантска и регионална соработка – Изградба на цврсти партнерства“, како и на тркалезна маса, во организација на „Атлантскиот Совет“ со експерти/надворешни соработници кои работат на Западен Балкан, соопшти Секретаријатот за европски прашања.