Претседателот на државата е должен во рок од десет дена од конституирањето на Собранието, мандатот за состав на Владата да го довери на кандидат на партијата, односно партиите што имаат мнозинство во Парламентот.

Мандаторот, пак, во рок од 20 дена од денот на доверувањето на мандатот, на Собранието му поднесува програма и го предлага составот на Владата. Владата, на предлог на мандаторот и врз основа на програмата, ја избира Собранието со мнозинство гласови од вкупниот број пратеници.

По официјализирањето на изборните резултати, најдоцна на 12 мај треба да биде свикана собраниска седница за инаугурација нановоизбраната претседателка Гордана Сиљановска Давкова. Таа пред пратениците од стариот состав треба да даде свечена изјава по која и започнува да тече нејзиниот мандат.

Мандатот на новиот собраниски состав што беше избран на вчерашните парламентарни избори, почнува да тече од конститутивната седница на Собранието. Според одредбите од Уставот, новоизбраното Собрание се состанува на конститутивна седница најдоцна 20 дена по одржаните избори.

Седниците за инаугурација на новиот претседател и за конституирање на новиот собраниски состав треба да ги свика актуелниот претседател на Собранието Јован Митрески.

Според првичните резултати од вчерашните парламентарни избори што Државната изборна комисија ги објави утрово на својата веб-страница, од обработени над 99,27 проценти од гласовите, Коалицијата „Твоја Македонија“ на ВМРО-ДПМНЕ има освоено 431.251 (43,23%) или 58 мандати во новиот 120 член собраниски состав, Коалицијата за европска иднина предводена од СДСМ 153.250 (15,36%) – 18 пратеници, Европски фронт на ДУИ 137.486 (13,78%) – 19 пратеници, Коалицијата од албанскиот опозициски блок „Вреди“ 106.991 (10,72%) – 13 мандати,  Левица има 67.338 гласа (6,75%) – 6 пратеници, а Движење ЗНАМ – За наша Македонија 55.539 (5,57%) – 6 пратеници. Останатите партии и коалиции кои учествуваа на изборите имаат под еден процент гласови.