Во 2024 година се очекува рекордна посета на кинеските туристи на Балканот. Но, проблеми со визите може да го спречат нивниот пат кон Северна Македонија.
Чартери за Охрид од Амстердам, Катовице, Манчестер, Лондон повеќе пати во неделата, надополнети со нови и обновени линии, овозможија оваа година сезоната во Северна Македонија да започне во мај. Скок на гости во првите четири месеци од 2023 година се бележи од турските, романските, германските, португалските, полските, српските туристи. Има пораст и остварените ноќевања со што годинава ги има сите услови кумулативно да ја надмине 2019 година по бројот и остварените ноќевања приближувајќи се до 530 милиони долари девизен прилив од туризмот во македонската економија.
„Предизвиците кои не очекуваат е кинескиот пазар кој во 2024 година треба да ја достигне својата кулминација со посета од кинеските туристи на Балканот, а и ние треба да бидеме подготвени за азиските туристи“, вели првиот човек на Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот, Љупчо Јаневски за ДВ.
Но, проблеми со визите може да го спречат нивниот пат кон Северна Македонија. За таа цел, Агенцијата подготви информација до Владата со која посочува на потребата од побрзо издавање на визи за кинески туристи, со цел да не ја заобиколат Македонија при нивните патувања на Балканот. Проценките се дека од кинеските туристи би можеле да се генерираат повеќе од 40.000 ноќевања. „Тоа е можност која не смееме да ја пропуштиме“, вели Јаневски.
Во добра кондиција
Според статистичките податоци, лани во ноември биле евидентирани 56.886 туристи коишто ја посетиле земјата. Поголемиот дел од нив, односно 63,8 проценти биле странски, а 36,2 отсто домашни туристи. Зголемен број на туристи, Државниот завод за статистика регистрираше и во април годинава – 69.934 туристи, од кои 25.8 % се домашни туристи, а 74.2 % се странци. Во периодот јануари – април годинава, во однос на истиот период лани, бројот на туристите е зголемен за 24.3%.
Надлежните се уверени дека македонскиот туризам е подготвен за рекордна 2023 година и е во одлична кондиција. таквите надежи ги базираат од резултатите од минатата пост-ковид година кога се овозможи раст на прометот во македонската туристичката индустрија за повеќе од 20% споредбено со 2019 година и рекордна 2022 година со повеќе од 480 милиони долари во македонската економија од туристичко угостителскиот сектор.
„Македонија беше во првите пет дестинации во светот со 139% повеќе странски туристи за 2021 и во првите десет според Светската туристичка организација во 2022 година, со пораст во туристичкиот промет. Сепак, не треба да се занемари фактот дека предизвиците со човечките ресурси во туризмот и нивната флуктуација во други држави доколку нема системски пристап на долг рок ќе биде една од причините за забавен раст и резултати во македонскиот туризам“, вели Јаневски за ДВ.
Субвенции за туроператори
По пандемијата, кога македонските туристи најчесто „летуваа“ во земјата, годинава повеќето ќе се упатат на море, но очекуваниот минус не треба да надмине 10% споредбено со 2022 година. Сепак, остануваат веќе детектираните проблеми со отсутноста на понуда за домашните туристички центри за викенд аранжмани на македонските туроператори кои низ годините многу полесно поставуваат чартери за други дестинации отколку за дојдовен туризам.
„На овој начин нашиот пазар е оставен на странски турооператори, а нашите се појавуваат највеќе како сервис и даваат дополнителни услуги. Сепак 3% од наши туроператори кои нудат пакети од три, пет и повеќе денови за домашниот пазар на домашните туристи е премал и треба се повеќе да се работи“, посочува нашиот соговорник.
Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот создаде предлог модел за субвенционирање на домашните туроператори кои во текот на годината ќе создадат аранжмани за домашните туристи и директно ќе ги стимулира. Сепак, сметаат дека моделот треба да биде со ограничен временски период во сооднос со други насочени стимулации од државава кои ќе доведат до развој на руралниот и еко туризмот со зголемување на сместувачките капацитети во руралните делови на Македонија, создавајќи раст во локалната економија и отворање на нови зелени работни места во туризмот.
Надлежните, иднината на македонскиот туризам ја гледаат во алтернативните форми на туристичка понуда. Агенцијата до Владата понуди проект „Педесет рурални села – педесет туристички приказни” со кој во следните пет години треба да се заживее селскиот туризам со повеќе од 1.500 нови кревети за сместување во селските домаќинства.
„Честопати потенцирам дека ние сме дестинација за четири сезони, односно дестинација со голем број на атракции распоредени низ целата година. Предноста на ваквиот тип на дестинации кои немаат море, а изобилуваат со природни убавини е нискиот праг на сезоналност, односно практикување на различните туристички форми пред се во руралните делови на нашата земја. Токму предноста ја гледам во алтернативните форми на туристичка понуда, силниот концепт на оддржлива дестинација доволно одговорна кон локалната заедница и поддршка на локалното производство“, вели Јаневски.
За ова да стане стварност мора да се работи на долгорочен развоен пристап во руралните и селски средини во развојот на еко туризмот, кој доведува до зголемување на сместувачките капацитети, нови микро и семејни услужни бизниси, отворање на нови работни места во тие средини и намалување на миграцијата. Станува збор за долгорочен процес кој ќе донесе директен раст на локалниот економски развој, зацврстувајќи го туризмот помеѓу петте столбови на македонската економија, опфаќајки дирекно или индиректно повеќе од дваесет економски гранки. Плановите, вели Јаневски, се да се спроведе реархитектуирање на македонскиот туристички сектор во наредниот пет годишен период, а дотогаш да се постигнат целите за 2025 година од 3,7 милиони ноќевања, 600 милиони долари од туризмот и повеќе од 4% во БДП, повеќе од 40.000 вработени и комплетно патно означување со туристички знаци на дестинацијата.
Во овој момент 5% од вкупниот број на вработувања во земјата се во туристичкиот сектор. Анализите покажуваат дека на земјата ѝ недостигаат околу 10.000 работници годишно, а најпогодени се градежништвото и туризмот. Северна Македонија со години наназад се соочува со сериозен недостиг на продавачи, келнери, шанкери и готвачи, особено во туристичките места за време на сезоната, поради масовното заминување на младите на сезонска работа во Хрватска и во другите земји од регионот.
Превземено од Дојче Веле