ВОЈО МАНЕВСКИ

Одамна е кажано дека сликата вреди илјада зборови!

Ова ми се врти низ главата додека ги гледам сликите од вчерашниот состанок на пратениците на ВМРО-ДПМНЕ со претседателот на партијата.

Впечатокот е дека иконографијата и изразот на лицата кријат тешки дилеми. Некако сѐ ми личи на сцената од последната Кнезова вечера опишана од Витезовиќ каде виси една позната реченица – „некој утре на Косово ќе ме предаде!“ Или на последната Исусова вечера каде само тој и Јуда ја знаат вистината за утрешните случувања. Петар сѐ уште не знае дека ќе се откаже од учителот.

Пред половина век, Дадо Топиќ напиша стихови за неговиот албум со наслов „Живот во чизми со висока пета“. Го преслушувам денес и сум зачуден како рокерот ја опишал нашата  денешнина:

На одарот сум, околу мене пријателите…
… тажни маски лицата им ги кријат,
И среќни се што не се место мене.
Во себе злобно се потсмевнуваат…

А можеби сум и јас крив!

Можеби е патетична мојава споредба со ваквите сцени, но неколку заклучоци се наметнуваат.

Колку пати е потребно да се објавува дека пратеничката група е единствена и стои зад партиските ставови? Па нели потпишаа нотарски изјави на таа тема, иако се во директна спротивност со Уставот кој сега божем го штитат?

За која тема се сериозно замислените лица, за Македонија или за партијата? Што им е приоритетно?

Ако е за Македонија и водејќи се од последиците од ваквите епски слики и описи, ќе мора да поминеме низ премрежија пред воскреснувањето. Ако е за Партијата, сепак е посоодветна насловната песна на албумот – која е цената на животот на високи потпетици?

Сепак, сликите покажуваат многу повеќе од што јас можам да експлицирам, па ни со многу повеќе од илјада зборови. И простете, но не можам да се ослободам од впечатокот дека тоа се лица на луѓе свесни дека прават грев… и се колебаат! Грешам? Ајде вие погледнете ги сликите уште еднаш, донесете заклучок, а после верувајте им на тоа што ќе ви го зборуваат.

А јас ќе се симнам до восочната фигура на Тодор Лазаров во музејот во моето Ново Село и ќе седнам до него. Пред Тодор е последното негово писмо пред смртта каде напишал – „Македонија е изгубена!“ Ќе си поседам и ако неговиот дух е некаде над оваа клисура, ќе му порачам дека неговите хамлетовски дилеми се актуелни и денес и само од сегашните Македонци зависи дали „ќе нѐ биде или не“.

Гледајте лица и маски мои почитувани читатели. Јас од ПР не се разбирам.

Превземен од Цивил Медиа