Изминаа шест месеци откако ВМРО-ДПМНЕ раководи со МВР а Панче Тошковски е министер.
За овие шест месеци, Македонија се претвори во Див Запад, опасно место каде секојдневно се случуваат убиства, палење на автомобили и насилство кое останува нерасчистено.
Неефикасноста на МВР раководено од Тошковски и ВМРО-ДПМНЕ стимулираат уште повеќе криминал, ја влошуваат безбедноста и ги охрабрува пиштолџиите кои слободно се шетаат низ државата.
Последното убиство во Тетово е само еден од низата на нерасчистени случаи заради неспособноста на ВМРО-ДПМНЕ кои кога и да се на власт, во државата царуваат уличните банди.
Само за потсетување, ни помалку ни повеќе, туку точно 4 убиства и 3 обиди за убиства се нерасчистени во последните шест месеци или во просек едно месечно.
За потсетување, се уште нема епилог од 1 јули кога имаше пукање во Батинци кон автомобил во кое загина едно лице. Второ, нема никаков епилог и во фамозниот случај во кој во Железара матичниот 67-годишен лекар Ацо Трпковски беше пронајден избоден на паркинг пред поликлиниката. Овој случај датира уште од март.
Понатаму, нема никаква разрешница ниту за убиството во Горно Блаце од февруари годинава. Таму со прострелни рани од автоматско оружје пронајдено тело на 56 годишник.
Одиме понатаму, нема никакво решение или епилог за обидот за убиство на градоначалникот на Арачиново кон кој беше пукано од возило, а повредени беа возачот на градоначалникот и еден вработен во општината.
Следно, МВР беше неспособно да открие и што се случило во Тетово во април годинава кога имаше пукање врз куќа на семејството Терзија во Тетово и обид за убиство.
И конечно, нема разрешница ниту за нападот на Бит пазар порано овој месец кога 25 годишник бил физички нападнат и имало обид за убиство.
Прашуваме, што работи МВР? Дали МВР воопшто е тука да го спречува или стимулира криминалот? Неказнивоста и неефикасноста на надлежните истражни органи само ги охрабрува насилниците и криминалците, а бројот на ваквите немили настани само ќе расте.
ВМРО-ДПМНЕ е партија која против криминалот се бори само во сон, а во пракса е безопасна за криминалците и насилниците.
Бараме итно да се расчистат случаевите, граѓаните се чуствуваат небезбедно и исплашено.
ВМРО-ДПМНЕ со својата неспособност директно ја загрозува безбедноста на граѓаните и државата.
Прес-конференција, Богданка Кузеска, портпаролка на СДСМ