Владата на ВМРО-ДПМНЕ спроведува масовна, бртутална партизација на институциите преку нова серија вработувања со партиски списоци, рече денеска на прес-конференција, Богданка Кузеска, портпаролка на СДСМ.
Таа истакна дека свиркачи до СДСМ доставиле интерен список за вработување на 50 лица во РЕК Осломеј и додаде дека „на списокот има членови на општински комитети, но и роднини на активисти на ВМРО-ДПМНЕ“.
„Без јавен конкурс, без јасни критериуми, без стручна селекција. Единствениот услов за вработување е партиската книшка и фамилијарната поврзаност со власта. РЕК Осломеј, стратешки важна енергетска точка, наместо да биде дел од стабилен енергетски систем, власта го користи како алатка за партиски вработувања на грбот на народот. Вака ли ВМРО-ДПМНЕ ќе го менува системот? За ова ли бараа доверба од граѓаните?“, рече Кузеска.
Таа истакна дека „сите ветувања за мерит-систем, професионализација и правична држава се фрлени во вода“.
Секоја институција се претвора во испостава на ВМРО-ДПМНЕ, наместо сервис за граѓаните. Наместо држава во која најдобрите напредуваат, добивме држава со вработувања по список, со јавна администрација претворена во партиска армија. Затоа младите и способни луѓе заминуваат. Затоа јавните институции се неефикасни, а довербата во системот се урива. Ја повикуваме Државната комисија за спречување на корупцијата веднаш да отвори предмет по сопствена иницијатива. Бараме ЕСМ јавно да ги поништи сите незаконски вработувања“, вели портпаролката Кузеска.