Косовскиот премиер Албин Курти изјави дека има повеќе причини не само косовските граѓани да не го напуштат Косово, туку и оние што се иселени да се вратат во татковината, јави дописникот на МИА од Приштина.
Во денешното обраќање на 55-та седница на Генералното собрание на неговата партија, Движење самоопределување, Курти рече дека Косово, благодарение на неговата Влада, има сеопфатен економски и социјален напредок.
– Сега имаме економски раст и институционална стабилност, социјален напредок со добро владеење, владеење на правото и проширување на суверенитетот, слободно движење и безвизен режим за многу земји. Тоа се причини не само за останување во Косово, туку и за враќање во татковината, рече Курти.
Како достигнување на неговата влада, косовскиот премиер го спомена и статусот што Косово го доби пред неколку месеци како придружна членка во Парламентарното собрание на НАТО.
– Нашето Собрание на Парламентарното собрание на НАТО доби статус на придружна членка со огромно мнозинство гласови од делегатите на земјите членки на НАТО. Го сакаме НАТО во Косово. Го сакаме Косово во НАТО, рече Курти.
Тој ги покани бизнисмените од дијаспората да инвестираат во земјава, бидејќи, како што рече, Косово не е како што било во минатото, туку сега „се развива и напредува“.
-На вас кои сте бизнисмени ви порачуваме инвестирајте за да заработите, а не како порано, бидејќи Косово се развива и напредува. Нашите сонародници се дел од овој успех и заедно можеме дополнително да го зголемиме, а секако и да го забрзаме, рече Курти.