Кризниот штаб на Неготино побара од Министерството за одбрана вклучување на војници на АРМ во гаснењето на пожарот на планината Серта, покрај постојните сили што веќе неколку денови го гаснат пожарот од земја, се вели во известувањето од неготинскиот градоначалник Горан Стојанов.

Тој информира дека од утрово, пожарот на Серта се гасне со воен хеликоптер и два авиона за гаснење пожари.

-Врз основа на дописот од Кризниот штаб на Oпштина Неготино, за поддршка од надлежните институции за вклучување во гаснењето на пожарот на планината Серта и остварената комуникација со одговорните лица, од утрово во гаснењето на пожарот се вклучени еден воен хеликоптер и два авиона што од воздух со испуштање количини вода, прават напори пожарот да биде изгаснат, соопштува Стојанов.

Од Кризниот штаб на Општина Неготино апелираат до граѓаните за почитување на мерките и препораките дадени изминатите денови од кога е и активен пожарот на Серта.

Пожарот избувна во средата околу 10:30 часот.