Државниот инспекторат за труд (ДИТ) ќе поднесе кривична пријава до надлежното јавно обвинителство за сопственикот на свињарската фирма во светиниколското село Амзабегово, каде на 8 јануари на лице место од труење од хемиска супстанца почина 45-годишен работник, а неговиот 53-годишен колега,  кој притрчал да му помогне е со оштетување на мозокот.

Директорката на Државниот инспекторат за труд (ДИТ) Весна Томовска вели дека по извршениот надзор ја има утврдено фактичката состојба. Утврдено е дека работодавачот не ги презел потребните безбедносни мерки во делот на спроведувањето на работните обврски од страна на работниците, а кои се однесуваат на Законот за безбедност и здравје при работа.

– Работодавачот дозволил пристап на ангажираните работници на работни места, на кои биле изложени на сериозни и специфични опасности без притоа тие да добијат посебни упатства за работа. Местото на извршувањето на работните задачи не било обезбедено со знаци за опасност, знаци за задолжително однесување, а како што кажав и во претходната изјава работниците не носеле лична заштитна опрема за респираторна заштита, вели Томовска.

Починатиот работник ја отворил решетката која ги поврзува халата со дупката. Тој се симнал во дупката за да го провери шиберот, кој го повлекува течното ѓубриво од халата кон дупката, каде починал. Неговиот 53-годишен колега кој притрчал да му помогне е со оштетување на мозокот и е хоспитализиран на Клиниките во Скопје.