„Денешната интерпелација, служи како штит за оние што се соочуваат со правдата, обидувајќи се да го дискредитираат напорот за расчистување со наследените криминални мрежи на ДУИ и СДС. Граѓаните заслужуваат да знаат дека ваквите потези не се во интерес на правдата, туку во интерес на заштита на старите политички елити“, напиша на социјалните мрежи, Драган Ковачки, пратеник од ВМРО-ДПМНЕ.

„Поделбата на власта е сржта на нашиот уставен поредок. Таа осигурува дека ниту една институција, ниту поединец, ниту политичка сила не може да се издигне над законот.

Многу важно место има какво-таквото Јавното обвинителство, кое е независна институција со јасна мисија: да ја спроведува правдата без пристрасност, без страв и без мешање.

Во трагични моменти, како случајот во Кочани, разбирливо е дека јавноста е потресена.

Гневот и тагата се природни реакции за сите нас, но не смееме да дозволиме тие да ја надвладеат правната процедура.

Јавното обвинителство, кое веќе има осомничено над 60 лица во врска со оваа трагедија, мора да има простор да ја заврши својата работа – да ги утврди фактите, да ги собере доказите и да ги изведе одговорните пред лицето на правдата.

Секое политичко мешање, секој притисок врз оваа институција – без разлика дали доаѓа од власта или од опозицијата – е закана за демократијата“, додаде Ковачки.