Уставните измени ќе бидат поднесени во Собранието во текот на наредните две недели и ќе отпочне процес на дискусија согласно со процедурата за истите, во Собранието, таму каде што е и местото, изјави денеска премиерот Димитар Ковачевски.
Прашан дополнително дали тоа значи дека имал средба и постигната е согласност да се гласаат уставните измени со првиот опозиционер, претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски и дали доколку не се изгласаат наесен ќе има предвремени избори, шефот на Владата го повтори ставот дека нема да има предвремени избори и дека уставните измени не се поврзани со мандатот на Владата.
-Во земјава наесен нема да имаме избори. Изборите ќе бидат идната година – претседателски, па парламентарни. Процесот на уставни измени не е поврзан со мандат на Влада, туку со европската интеграција на државата и обврска на секоја политичка партија е да ги поддржи европските интеграции. Кога ќе бидат разгледани амандманите на Уставот од страна на Владата, тие ќе бидат соопштени и јавно објавени и тогаш сите наши граѓани ќе може да се уверат дека се работи за технички амандмани, со кои што нешто што веќе е факт во Уставот, според кажувањето на најголемите правни експерти во државата, ќе биде дополнително внесено во Уставот во делот на „делови од други народи кои живеат во државата“. И затоа сметам дека обврска на секој пратеник, на секоја политичка партија во Собранието е овој процес да го поддржи и да обезбедиме продолжување на европската интеграција со отворање на поглавјата, со отворање на кластерите и завршување на преговорите до 2030 година и зачленување на државата во ЕУ, потенцира премиерот Ковачевски во изјавата по доделувањето на социјални станови на 27 семејства во Свети Николе.