Лидерот на СДСМ, Димитар Ковачевски се сретнал со Арбен Таравари, лидер на Алијанса за Албанците, само два дена откако тој беше во Приштина на средба со косовскиот премиер Албин Курти и Меџити, Гаши и Касами.
Се уште се чека официјална одлука на Алијанса за Албанците дали пред изборите ќе оди во коалиција за Европскиот сојуз за промени, односно т.н албанска опозиција, или ќе оди со Европскиот фронт, каде се очекува да бидат СДСМ, ДУИ и останатите партии.
Нема информација дали Ковачевски го убедувал Таравари, но велат разговарале за реализација на владината програма, бидејќи СДСМ и Алијанса за Албанците, заедно со ДУИ се во владина коалиција.
-На денешната средба со лидерот на Алијанса за Албанците, Арбен Таравари, во седиштето на СДСМ, разговаравме за реализацијата на програмата на Владата, за динамиката на работа во наредниот период, како и за политиките кои значат исполнување на стратешката цел на земјата за членството во ЕУ и партнерството со САД.
Наши заеднички цели на коишто посветено работиме како политичари и коалициски партнери се продолжување на европскиот пат до полноправно членство во ЕУ и јакнење на стратешкото партнерство со САД. Тоа е наша обврска кон сите граѓани и кон иднината на државата затоа што Северна Македонија нема друга алтернатива освен европскиот пат, порача Ковачевски.






















