„Рамката е испреговарана, не може да се промени и ако г. Мицкоски вели дека по изборите ќе издејствува подобар договор не мислам дека тоа воопшто е реалистично, дури и возможно. Северна Македонија го има најдобриот договор што може да го добие“ рече холандскиот амбасадор Дирк Јан Коп во интервју за „360 степени“.

Тој додаде дека со овој договор исчензаа сите останати барања на Бугарија и истакна дека тоа е добро и дека не верува оти ќе има нови услови за втората фаза од Меѓувладината конференција, која зависи само од уставните измени.

Холандскиот амбасадор истакна дека ова е исклучително важен момент и дека е дојдено кончено време Северна Македонија да ја оформи својата иднина и да стане господар на сопствената судбина.

„Наредната година имаме избори за Европскиот парламент, ќе има избори во САД и, како што реков, во Холандија поддршката за проширувањето се намалува и вие не може и понатаму таа поддршка да ја земате здраво за готово, треба да влезете во ЕУ сега, што е можно побрзо или, како што стравувам, таа можност може да исчезне, во некој момент вратата ќе се затвори“ рече Коп.