Учесниците на втората, дводневна меѓународна конференција за борба против криумчарење мигранти, организирана од Советот на Европа во Стразбур, денеска апелираа до сите земји-членки да ја зајакнат меѓународната соработка, се наведува во соопштението.
Генералната секретарка на Советот на Европа, Марија Пејчиновиќ Буриќ, во својот говор истакна дека „заедно треба да постигнеме криумчарењето мигранти да му припаѓа на европското минато, а не на иднината“.
Комесарот за човекови права Мајкл О’Флаерти истакна дека „напорите за зајакнување на меѓународната соработка во областа на криумчарењето ќе бидат ефективни само ако се почитуваат човековите права на жртвите на трговија со луѓе, да се обезбеди пристап до азил, да има безбедни и легални патишта до Европа и да се почитуваат правата на хуманитарните актери и бранителите на човековите права“.
Претседателот на Европскиот комитет за проблеми со криминалот, Фриц Зедер наведе дека конвенциите на СЕ за меѓународна соработка во кривичните случаи, кои ја подобруваат глобалната полициска и судска соработка, може да бидат средство за разбивање на транснационалните банди.
Конференцијата беше организирана по Самитот во Рејкјавик во 2023 година, каде што шефовите на држави или влади на членките на СЕ ветија дека „ќе ги зголемат напорите за поттикнување и подобрување на меѓународната соработка“ во „неопходната борба против трговијата со луѓе и криумчарење мигранти“.
По Самитот, Комитетот на министри на Советот на Европа го задолжи Комитетот за проблеми со криминалот до крајот на годинава да подготви извештај за опциите што земјите-членки можат да ги разгледаат во борбата против криумчарењето мигранти.