Издадена е наредба за приведување на седум полицајци со што практично се проширува истрагата за пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани во која загина 61 лице, а над 100 беа повредени.
„Во однос кои се тие полициски службеници и што се дел од истрагата, јавното обвинителство за дел веќе има отворено истрага, меѓутоа еве ќе кажам во моментов, ми јавуваат, дека има издадено наредба за приведување на уште седум полициски службеници и утре ќе бидат изведени пред јавниот обвинител, а потоа и пред судија на претходна постапка“, рече државниот обвинител Љупчо Коцевски во емисијата „Топ тема“ на телевизија „Телма“.
Коцевски рече дека објектот „Пулс“ не бил познат само на полицијата туку бил познат на целиот град, на локалната самоуправа и на сите надлежни институции кои што требало да функционираат.
Тој, исто така, истакна дека 13 години во Кочани не е извршен никаков инспекциски надзор на објектот.