Љубиша НИКОЛОВСКИ
Зошто во јавниот дискурс се наметна мислење дека редовните претседателски избори не треба да се одржат засебно, во редовниот термин, независно од парламентарните кои треба да следат два месеци подоцна!
Всушност заеднички избори имало само два пати за 23 години независна Македонија. Еднаш во 1994 и втор пат во 2014 година.
Имено, изборот за претседател од секогаш бил посебен изборен процес. Затоа што граѓаните имаат право со сето свое внимание да се посветат на изборот на кандидатот за претседател, достоинствена функција што заслужува целосен респект и почит, онака како што е и според Уставот. Претседателот имено ја претставува Републиката, тој е нејзиното лице пред светот. Тој меѓу другото треба да претставува и своевиден баланс на извршната власт која доколку е апсолутна може да забега во недемократски води.
Оттаму и законодавецот предвидел Претседателот да се избира на општи и непосредни избори, за да има свој посебен легитимитет добиен од граѓаните. И не случајно се избира на пет години, една година повеќе од мандатот на Владата, за да може да биде во опозиција или да мора да кохабитира доколку дојде до премена на власта.
Граѓаните досега го препознавале значењето на функцијата претседател и историјата покажува дека гласовите што ги давале на претседателските избори речиси секогаш биле драстично повисоки од оние на партиите, па дури и од партијата која на парламентарните избори тие самите ја подржувале.
Во 1994 на пример претседателот Киро Глигоров добил 715 000 гласа што е за два ипол пати повеќе од она што истата година ги добил СДСМ.
Борис Трајковски пак во 1999 добил 582000 гласа или колку ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ заедно, една година пред тоа.
Бранко Црвенковски на претседателските ибори освојува 550 000 гласа што е повеќе од најголемото достигнување на СДСМ или на било која партија на парламентарни избори во 2002 та со 497000 гласа.
Во 2009 година Ѓорѓе Иванов е скоро изедначен со гласовите што ги добива Никола Груевски како лидер на ВМРО ДПМНЕ во врвот на славата кога освојува дури 63 пратенички мандати. А во 2014 кога се одржуваат заедно претседателските и парлементарните освојува дури 534000 гласа и го надминува и ВМРО-ДПМНЕ.
Слично е и со Стево Пендаровски кој на иборите 2019 добива доверба еднаква колку и СДСМ на парламенгтарните 2016, или 436000 гласа, Со таа бројка останува ненадминат и од ВМРО-ДПМНЕ и од СДСМ поединечно на парламентарните 2020 кога и едните и другите имаат по 325 000, односно 315000 гласови.
Ова значии дека претседателските избори имаат свое посебно значење меѓу граѓанството во државата и не можат да бидат некаков приврзок на парламентарните каде се гласа за листи на главно непознати партиски членови по избор на партискиот лидер.
Дополнително, за време на парламентарните избори доминираат негативните партиски кампањи во кои се пласираат лични навреди и понижувања на политичките противници, има повеќе ниски уради одошто презентација на програмските платформи и визија за иднината на државата.
Но, треба да се има предвид дека инсистирањето на одржување заеднички, претседателски и парламентарни избори доаѓа од страна на партиите кои немаат сооодветен претседателски кандидат. На тој начин сакаат да го мобилизираат своето гласачко тело за освојување на извршната власт, додека претседателската функција ја маргинализираат и таа треба да им послужи само како „спотер“ која подоцна ќе ја маргинализираат.
Сепак не смее да се заборави дека поголемиот дел македонски претседатели оставиле своја трага и печат во историјата на земјата без разлика што во жарот на политичките битки биле најчесто негирани и оспорувани било од партијата што ги подржала било од спротивната политичка опција.
Сетете се само на авторитетот на првиот претседатл Киро Глигоров и неговата улога во моментите на создавање на македонската државва. Или на сенародниот претседател Борис Трајкоски кој за сите беше едноставно Борче и кој одигра клучна улога во време на конфликтот 2001-та. Граѓаните во полн капацитет се изјаснуваа за другите свои претседатели вклучувајќи ги и Бранко Црвенковски, Ѓорѓе Иванов како и актуелниот Стево Пендаровски.
Сите тие и сите идни претседателски кандидати заслужуваат посебен изборен пристап во кој граѓаните ќе се изјаснуваат само за нив, а не во измешан пакет за кој нема да се знае кој за кого на која листа ќе гласа.
Приказните за зголемени изборни трошоци, доколку се одржуваат засебно претседателските и парламентарните, се само покритие за стравот дека ќе ги загубат претседателските избори и дека така ќе им падне и рејтингот на кој толку многу сметат и на кој сакаат да се „возат“ и за претседателскиот кандидат.
Трошоците ќе бидат толкави колку самите партии се спремни да заштедат затоа што токму тие и нивните кампањи се всушност најскапите субјекти во изборниот процес и најголемите потрошувачи на нашите народни пари. Ако се потрудат да бидат малку поштедливи во кампањата, изборите секако нема да чинат драстично повеќе од вообичаеното.
Превземено од Рацин.мк