Директорот на Фондот за здравствено осигурување Сашо Клековски, денеска, на премиерот Христијан Мицкоски, кој беше во посета на Фондот, му го презентираше планот за намалување на долгот на Јавно здравствените установи.
Како што посочи директорот Клековски, долгот на Јавно здравствените установи во земјава изнесува пет милијарди денари, а само на почетокот на годинава бил зголемен за една милијарда. Долг, кој рече, можеше да го загрози редовното работење на здравствените установи и да доведе до блокирање на сметките на некои здравствени установи. Клековски истакна дека благодарение на ребалансот на Буџетот, долгот ќе биде намален за две милијарди денари, со што, рече, ќе биде донесен на едно одржливо ниво.
– Разговаравме за тоа што имаме направено во првите 100 дена на Владата и на премиерот му го презентиравме планот за намалување на долговите на Јавно здравствените установи. Долгот на Јавно здравствените установи во земјава изнесува пет милијарди денари, а само на почетокот на годината е зголемен за една милијарда. Овој долг можеше да го загрози редовното работење на здравствените установи, а во некои и до блокирање на сметките и работата, затоа развивме еден план за намалување на долговите… Го намалуваме долгот благодарејќи на ребалансот и на нашата сопствена заштита за две милијарди денари, го намалуваме долгот од пет на три милијарди денари и со тоа долгот го донесуваме на едно одржливо ниво кое нема да биде закана за здравствените установи, рече Клековски.
Премиерот Мицкоски, пак, како врвен приоритет на Владата го посочи здравјето на граѓаните и рече дека Владата изготвува план за во текот на следната фискална година овој долг да биде намален уште повеќе.
– Правиме план како Влада да во периодот што следи, можеби ете да речеме во текот на следната фискална година, уште повеќе да го намалиме тој долг. А очекуваме и со домаќинско, вредно, посветено работење на новиот менаџмент во болниците и во здравствените установи низ државата да дел од тие долгови бидат и по тој пат вратени назад. Јас можам да кажам дека како Влада врвен приоритет ни е здравјето на граѓаните, рече Мицкоски.