Израелскиот авионски напад врз кампот за раселени Палестинци во Рафа при што загинаа десетици цивили е „ужасен“ но тоа нема да ја смени копнената операција и не нарушува некакви „црвени линии“ на САД, изјавија синоќа од Белата куќа.
-Израелците кажаа дека тоа е трагична грешка, изјави за новинарите Џон Кирби, портпарол на Советот за национална безбедност Џон во Белата куќа, одговарајќи на прашање дали настаните викендов се квалификуваат како „смрт и уништување“ како што предупредуваа американски службеници и што може да стане причина за запирање на понатамошна воена помош за Израел.
-Не видовме дека тие навлегоа со голема копнена операција во Рафа, со многу војска, во колони и формации за да вршат некаков координиран маневар против разни цели на земјата, изјави тој за израелската војска, додавајќи дека нема такви промени во политиката за кои би можело да се говори.
Но САД не „замижуваат“ на страдањата на палестинските граѓани, рече Кирби.
Тој посочи дека во ударот од воздух биле убиени двјаца високопозиционирани раководители на Хамас директно одговорни за терористичкиот напад врз Израел лани во октомври.
Исто така потврди дека САД повеќекратно се обраќале до Израел да ги преземе сите неопходни мерки за заштита на невините животи.
-Израелските одбранбени сили спроведуваат истрага за која мислиме дека е мошне значајна за спречување на слични инциденти во иднина, изјави тој.
-Армијата на Израел денеска ги објави првичните наоди што укажуваат дека пожарот бил предизвикан од секундарена експлозија, а не од самиот напад, рече Кирби и додаде дека „секогаш постои ризик по мирното население кога се нанесуваат удари од авиони во густонаселени делови од Газа, како Рафа“.